Предлог законот за амнестија целосно ослободува 286 лица

Од вкупно 2 114 затвореници низ државата со новиот Предлог закон за амнестија целосно се ослободуваат 286 лица, а делумно ослободување од ефектот на 30 проценти добиваат 996 затвореници, изјави министерот за правда, Кренар Лога, на денешниот брифинг со медиумите.

Како што кажа министерот, оваа бројка се однесува на лицата кои што се веќе сместени во затворите низ државава, додека, за оние 2 813 кои чекаат да влезат во затвор ќе има дополнителен список од Управата за извршување санкции. 

Министерот Лога на денешниот брифинг во Министерството за правда информираше дека Предлог законот за амнестија во Собрание ќе влезе по скратена постапка и нема да биде со европско знаменце. Тој потенцираше дека како предлагач, пред пратениците сака лично да го брани ова законско решение.

На новинарски прашања зошто покрај достапна пробациска служба, се предлага овој закон, тој образложи дека законот само дополмнително ќе придонесе во растеретувањето на затворските капацитети. 

Како што информираа надлежните на брифингот, пробациската служба е функционална со 28 пробациски службеници и 11 канцеларии.

– Активни пробациски предмети е 450, што е втор по големина затвор од Идризово. Еден ден затворска казна чини 1 000 денари, еден ден под надзор на пробациска служба 50 денари. Оние што се под пробациски мерки нема да подлежат под амнестија, појасни службеничката од пробациската служба.

На брифингот беше најавена и изградба на нова зграда во Идризово со капацитет од 900 нови места.

-Во моментов имаме изготвени и ревидирани проекти, одобрение за градење. Банката побара од Влада дополнителни средства и немаме никаква пречка тендерот да се распише и за шест до девет месеци би требало да почнеме да градиме. Тоа во капацитет би значело околу 900 нови места и зголемувањето на пробацискиот оптег, посочија службите, дополнувајќи дека планираниот рок на изградба е 4,5 години.

Во однос на прашањето дали дел од осуденици од случајот „Монструм“ ќе бидат опфатени со новиот закон, министерот рече дека не сака да навлегува во тоа кој предмет ќе биде опфатен со законот.

– Не сакам да навлегувам во тоа кој предмет ќе биде е опфатен со законот, можеби ќе бидат и луѓе од 27 април. Кои предмети спаѓаат во амнестијата не ми значи ништо, рече тој, потенцирајќи дека делото помагање за кое се товарат овие осуденици било предвидено и со законот од 2018 година. 

Најавената амнестија ја разбранува јавноста со тоа кој сѐ би можел да биде опфатен со неа. Според лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, намерата на власта со овој закон е да се ослободат криминалци кои служат затворски казни. За премиерот Димитар Ковачевски, блокадата е стратегија на опозицијата која постојано ја применува.

Откако Предлог законот за амнестија помина на Владина седница, Министерството за правда најави дека ќе го достави до Собранието и посочи дека очекува поддршка од сите пратеници за законското решение, чија цел, според нив, е да се овозможи ресоцијализација на сторителите на кривични дела и растеретување во казнено-поправните установи со оглед на фактот што  состојбата таму во изминатиот период е алармантна, а тоа беше потенцирано во бројни меѓународни извештаи како и од Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа.

Со законот се предлага лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30 проценти од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.

Со акциите во затворите во Идризово и во Штип покажуваме уште еднаш дека имаме сериозен пристап во подобрување на состојбите во ваквите установи и веќе има одредени поместувања и во однос на

Амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 , „Несовесно работење во службата“ од член 353-в, сите од Кривичниот закон, за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово-базирано насилство.

Амнестијата, како што укажува ресорното Министерство, не се однесува за кривични дела „Разбојништво” од член 237 став 5 и „Разбојничка кражба” од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела „Измама на штета на средства на Европската Унија” од член 249-а, „Перење пари и други приноси од казниво дело” од член 273, „Злоупотреба на службената положба и овластување” од член 353, „Несовесно работење во службата” од член 353-в, „Примање поткуп” од член 357, „Давање поткуп” од член 358, „Давање награда за противзаконито влијание” од член 358-а и за „Примање награда за противзаконито влијание” од член 359, сите од Кривичен законик.

Исто така, амнестијата не се однесува на лицата кои делата кои се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година и не се однесува на лицата кои во време на сторување на делата биле избрани и именувани лица во државава, како и на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање на потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон.