Презентирани материјални докази во предметот по случајот Пендиков – следното рочиште закажано за 31. мај

Со презентација на материјални и писмени докази денеска заврши првото рочиште од главната расправа во процесот што пред Основиот суд во Охрид се води против Илија Спасески, првообвинетиот за нападот врз Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб во Охрид.

Претходно претставник на Обвинителството го прочита обвинителниот акт, според кој првообвинетиот во предметот се товари за извршено кривично дело „нанесување тешки телесни повреди“, на што обвинетиот Спасески се произнесе невин.

Претставникот на одбраната, адвокатот Димитрија Цобоски, пред Судот по однос обвинителниот акт даде кусо образложение во кое изјави дека одбраната не спори дека оштетениот критичната вечер бил повреден, но оти во доказната постапка ќе успее да го убеди Судот дека нема материјални докази што неспорно утврдуваат дека провообвинетиот е извршител на делото, како и оти во делото нема докази за зборови од омраза како што сака тоа да го наметне Обвинителството.

Има различни податоци меѓу она што се тврди во обвинителниот предлог, во она што е наведено во записникот за примање пријава, она што се наведува во исказот на оштетениот даден за бугарска телевизија. Сепак тоа е работа на доказната постапка, за што повеќе ќе се каже во текот на изведувањето на доказите на одбраната“, изјави Цобоски по завршувањето на денешното рочиште.

Цобоски нагласи дека останува задачата на оној што тврди дека обвинетиот е виновен тоа мора неспорно да го докаже.

Ги гледавте снимките и кога обвинителот вели дека мисли дека обвинетиот е тој што го врши делото. Не треба некој да мисли кој е кој, туку се потребни докази од кои неспорно може да се утврди вина. Мислење на обвинител дали некој е тој или не, не е доволно за некој да се огласи виновен“, истакна тој.

Во текот на самото денешно рочиште застапникот на одбраната уште инсистираше на тоа дека оштетениот не е Бугарин односно дека нема бугарско државјанство, туку дека се работи на македонски државјанин.

Застапникот на оштетениот Пендиков, адвокатот Стефан Камишевски, пред Судот образложи дека неговиот клиент не пристуствуваше на денешното судско рочиште од здравствени причини. Тој рече дека Христијан Пендиков ќе се појави секако пред Судот откако ќе му заврши лекувањето, како и дека сега е во подобра здравствена состојба.

За самата постапка рече дека е во насока да се утврди што се случило во критичниот настан.

Според видео-записот може да се види дека две лица тепаат едно лице. Впрочем, постапката е и за тоа, да се утврди вистината, што се случило во критичниот настан. Кои лица го претепале кое лице“, рече Камишевски без да потврди дали оштетениот ќе се појави на следното рочиште.

Судијата Бојан Мартиноски кој го води процесот наредното рочиште го закажа за 31. мај, кога ќе бидат повикани да сведочат вешти лица од  областа на медицината и информатички технологии, како и тројца сведоци.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19. јануари во кафе-бар на Кејот на Охридското Езеро во Охрид.

Оштетената страна во процесот предјави парично оштетно побарување, согласно тежината на повредите на оштетениот во кривичното дело.