Презентиран проектот „Анализа на работни позиции – униформиран полициски службеник и полициски инспектор“
Директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски денеска присуствуваше на финалната презентација на проектот „Анализа на работни позиции – униформиран полициски службеник и полициски инспектор“, почнат во октомври 2022 година.
Како што информира МВР, во проектот спроведен во пет фази чија цел беше детектирање на работните задачи што произлегуваат од работните места – униформиран полициски службеник и полициски инспектор, беа вклучени вработени од Министерството за внатрешни работи, Управа за финансиска полиција и Царинска Управа, а главен координатор на проектот е ИЦИТАП Програмата при Амбасадата на Соединетите Американски Држави.
Директорот Тасевски упати благодарност до претставниците од ИЦИТАП Програмата кои работеа на овој проект и до колегите од МВР кои беа дел од техничката работна група за поддршката и заедничките напори да се дојде до финалната презентација на овој, како што рече, исклучително важен проект за вработените во Министерството за внатрешни работи. Ја поздрави и вклученоста и заедничката координација со Управата за финансиска полиција и Царинската Управа во овој значаен проект.
– Од самиот почеток, дефинирана беше целта на проектот – детектирање на работните задачи што произлегуваат од работните места – униформиран полициски службеник и полициски инспектор и со самото спроведување се направи анализа на работниот процес на униформираниот полициски службеник и полицискиот инспектор, точно беа дефинирани работните задачи, се изработи е-платформа во која се вклучени сите работни задачи и под задачи, а со самата бројка од анкетирани 400 испитаници успеавме да го изработиме и финалниот извештај со содржани резултати од досегашното шест месечно работење, истакна Тасевски.
На презентацијата присуствувале и заменик-амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија Карим Џамџум, програмскиот менаџер на ИЦИТАП Програмата Карл Кларк, советникот на Проектот на ИЦИТАП Мајк Стаерс, претставници од амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, директорот на Управа за финансиска полиција Горан Иванов и директорката на Царинска Управа Славица Кутиров.