Прекинато водоснабдување во Козле, МЗ: Уште две клиники ќе примаат пациенти на кои ќе им биде потребна хоспитализација

Министерството за здравство соопштува дека поради прекин на водоснабдувањето на Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – Козле, веднаш е побарано од Универзитетската клиника за детски болести и Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби привремено да примат пациенти на кои ќе им биде потребна хоспитализација.

Во меѓувреме, Министерството за здравство вели дека во Козле ќе продолжи лекувањето на пациентите во дневната болница и амбулантските прегледи.

„Оваа иницијатива има за цел да обезбеди континуитет во лекувањето и грижата за најмладите пациенти. Министерството за здравство внимателно ја следи состојбата и, по нормализирањето на водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – Козле, хоспитализацијата на пациентите ќе продолжи без пречки во оваа јавна здравствена установа“, велат од Министерството за здравство.