Премиерот Ковачевски и министерот Николовски извршија увид во санацијата на системот за наводнување ,,Макарија” кај Росоман 

Санацијата на оштетениот дел  од системот „Макарија“ е со цел најбрзо што може тој да се стави повторно во функција за наводнување на земјоделските површини, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски извршија увид во санацијата на системот за наводнување „Макарија“ кај Росоман.

Ковачевски појасни дека во моментов, фирмата изведувач интензивно работи на санирање  на дефектот и очекува тоа брзо да се заврши, со што повторно ќе може да се обезбеди ефикасно наводнување на земјоделските површини, да се запази сезоната за наводнување и очекуваниот принос од околу 30 илјади тони на земјоделски култури.  

Премиерот нагласи дека системот „Макарија“ е од исклучителна важност за наводнување на земјоделските површини во росоманскиот регион, што е клучно за земјоделците да ги добијат очекуваните приноси и да имаат квалитетно производство. 

– Затоа, веднаш откако се случи оштетувањето, на владина седница, донесовме одлука за брза санација на цевките, за што се обезбедија над 1,3 милиони евра. Во оваа прилика, сакам да се заблагодарам на ресорното Министерство, на министерот Николовски, кој заедно со АД „Водостопанство“ и професори од Градежниот факултет Скопје, веднаш подготвија конкретен предлог за санација на цевководот „Макарија“. Со предложениот проект, ќе се обезбеди доволно количество на вода за наводнување на пријавените површини од 2.050 хектари, за оваа сезона. Знаеме колку е важно за една квалитетна реколта да се има навремено наводнување на површините и на земјоделците им порачувам да не се грижат, системот набрзо ќе се стави во функција и вода за наводнување ќе има, порача премиерот. 

Тој рече дека зголемувањето на домашното земјоделско производство е директно условено од навремено и квалитетно наводнување на посевите. Затоа, додаде Ковачевски, ставаме силен фокус на капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура, односно на реконструкција и изградба на  модерни системи и брани за наводнување, а овие инвестиции значат намалување на трошоците и загубите во производството, а од друга страна ќе придонесат за зголемување на производството на храна и создавање на модерно и европско земјоделство.

– Тука би издвоил неколку клучни инвестиции, како што е браната „Конско“ во вредност од 40 милиони евра, чија што изградба започна пред три и пол години и завршува годинава. Ова е најголемиот капитален проект за водоснабдување во последните 50 години. Годинава завршува изградбата на хидросистемот „Равен-Речица“, продолжува изградбата на браната на Оризарска Река во Кочани. Во фаза на планирање е Програмата за наводнување на Северна Македонија која вклучува изградба на четири системи за наводнување во рамки на речниот слив на Реката Вардар и уште многу други проекти. Со овие инвестиции, решаваме децениски проблеми на земјоделците, обезбедуваме навремено и квалитетно наводнување на посевите. Нашата цел е да имаме повеќе домашна храна, да создадеме модерно и конкурентно земјоделско производство, со мотивирани и задоволни земјоделци. Со правилни политики, успеавме да ја отвориме земјата кон повеќе ЕУ фондови, нагласи премиерот. 

Тој рече дека денес земјава е лидер по искористеност на средства од ИПАРД програмата со високи 97 отсто искористеност, посочувајќи дека со новата ИПАРД 3 програма, Европската Комисија ги зголеми средствата за 62 проценти, со што на располагање имаме неповратни 97 милиони евра од ЕУ. 

– Сакам да ги охрабрам земјоделците да ги користат овие програми. Оваа година започна најголемата реформа во земјоделството, за прв пат, по европски терк, се воведе новиот „decoupling систем“ за распределба и исплата на субвенциите. Земјоделците имаат авансна исплата на субвенциите, за да ги имаат парите тогаш кога им се најпотребни, да можат навреме да се подготват за новата производствена сезона, да можат да вложуваат во модернизирање и зголемување на производство. Овие мерки и политики се вистинска грижа за цела една стопанска гранка, за нашите вредни земјоделци. И оваа поддршка за земјоделството продолжува, затоа што развојот на оваа гранка, е важен за да имаме домашно производство на храна, да не зависиме од увоз, да имаме развиена економија, нагласи Ковачевски. 

Министерот Николовски рече дека кога пред две недели се случи најголемата хаварија во водостопанската инфраструктура досега, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја одигра својата улога, започнаа координативните процеси и заеднички со другите институции успеавме навремено да делуваме, во интерес на сите нас, а најмногу за земјоделците од Росоманско и Градско.

– Денес сме тука во Росоманско да посведочиме на динамиката на одвивање на работите. Сакам да ги поздравам фирмата изведувач и надзорниот орган и да им посакам успех во санацијата на цевководот и да им упатам порака, дека се дел од една капитална активност која ќе остане запаметена од земјоделците од овој крај како најдобрата и најбрзата реакција за нормализирање на работите со цел да ја спасиме производната сезона. Би сакал да ги поздравам и земјоделците, и да им порачам дека времето на загриженост е зад нив. Сезоната е спасена, а род ќе има. Во текот на целиот период на овие случувања бевме на иста линија со вас и вашите потреби, вашата дејност е најважна за нас, без вас нема развој на економијата, нема развој на општеството и државата, вие сте нашиот приоритет, а ние сме секогаш тука за да создаваме погодна клима за вашето работење. Министерството не застанува тука. Активно работиме на реализација на нашата програма за водостопанство, нагласи министерот. 

Тој додаде дека инвестициите во водостопанска инфраструктура се во полн ек и се реализираат проекти во секој дел од нашата држава. 

– Без вода, нема земјоделство, тоа е основно правило кое го споделуваме и работиме посветено на финиширање на проектите и обезбедување на наводнување за секоја педа обработлива земја. Капиталните проекти на кои сме посветени полека ги привршуваме, рече Николовски. 

Тој појасни дека во фаза на подготовки се хидролошките основи кои ќе послужат за изработка на физибилити студијата за брана во селото Вакуф, при што оттука го најави новиот најголем проект за државата, кој според прелиминарните проценки ќе обезбеди наводнување за 20.000 хектари површини во Кумановско, Кратовско и Светиниколско. 

– Земјоделците од Росоман знаат дека навремено ги исплативме субвенциите, 290 милиони денарии, во еден ден беа префрлени на сметките на 10.604 производители кои се занимаваат со овоштарство. Уште една поддршка за овоштарството е новата програма за откуп на свежо овошје и зеленчук. Од оваа година за 38.000 деца од сите градинки во државава ќе биде дистрибуирано 880.000 килограми свежо овошје од кои 175.500 килограми праски, 90.000 килограми кајсии, 168.000 килограми сливи, 74.000 килограми круши, 370.000 килограми јаболка. Секое дете, еднаш неделно ќе добие по еден килограм сезонско овошје. Ова е уште една поддршка за производителите на праски од Росоман, да не се грижат за откупот. Уште еднаш посакувам успех на сите вклучени во процесот и порачувам дека ангажираноста и посветеноста веќе ги даваат своите резултати, нагласи министерот. 

Градоначалникот на Росоман, Стојан Николов изрази огромно задоволство од денешната посета на лице место, каде што веќе се одвиваат градежни активности за санација на сифонот,  што го снабдува со вода за наводнување левиот магистрален канал,  канал од кој се наводнуваат земјоделските површини  на територијата на општина Росоман и Градско.

– Сите бевме сведоци за колку голема хаварија станува збор, но би сакал да искажам голема благодарност до претседателот на Владата Димитар Ковачевски  и до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, заради брзата реакција и изнаоѓање итно решение за санација на сифонот. Владата и Министерството покажаа уште еднаш дека се вистински партнер на земјоделците и со брзото решение го спасуваме земјоделието во Росоман и Градско. Ние како локална самоуправа од првиот ден по хаваријата бевме на терен и сме со земјоделците, но и во постојана комуникација со надлежните, за целосна санација на дефектот. Како и до сега, така и во иднина, како на централно, така и на локално ниво, приоритет ни се решавањето на проблемите на нашите сограѓани и подобрувањето на животниот стандард на сите, нагласи Николов.