Премиерот Мицкоски се сретна со Клакочар-Зупанчич претседателка на Државниот збор на Република Словенија
– Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денес оствари средба со претседателката на Државниот збор на Република Словенија, Уршка Клакочар-Зупанчич, која е во официјална посета на Скопје.
Како што објави Мицкоски на социјалните мрежи со фотографии од приемот, средбата била можност да се потврдат пријателските и партнерските односи меѓу двете земји, како и да се отворат нови можности за соработка во повеќе области од заемен интерес.
„Разменивме мислења за унапредување на парламентарната соработка, со посебен акцент на размената на искуства и добри практики, како и на улогата на парламентите во процесите на европска интеграција и регионална стабилност“, напиша Мицкоски.
Тој, исто така, рече дека изразил благодарност за континуираната поддршка што Словенија ѝ ја дава на Северна Македонија на нејзиниот европски пат, како и за јасната и недвосмислена позиција за важноста од забрзување на процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан во Европската Унија (ЕУ).
Клакочар-Зупанчич во рамките на официјалната посета вчера попладне беше примена на средба од претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши.