Премиерот на Федерацијата БиХ, Новалиќ, осуден на 4 години затвор за незаконска набавка на респиратори

Министерката за финансии на Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина, Јелка Милиќевиќ, исто така една од обвинетите во случајот, не е прогласена за виновна.

Судот на Босна и Херцеговина по две години судење изрече првостепена пресуда за предметот поврзан со набавката на 100 респиратори за Владата на Федерацијата БиХ во износ од 10,5 милиони КМ (околу 5,4 милиони евра) , и за виновни ги прогласи првообвинетиот, премиерот на Федерацијата БиХ, Фадил Новалиќ, суспендираниот директор на Федералната управа за цивилна заштита, Фахрудин Солак, и сопственикот на „Сребрена малина“, Фикрет Хоџиќ, јавува Анадолу.

Министерката за финансии на Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина, Јелка Милиќевиќ, исто така една од обвинетите во случајот, не е прогласена за виновна.

Со првостепена пресуда на Новалиќ му е изречена казна од четири години затвор, на Хоџиќ пет, додека на Солак шест години затвор.

Обвинението се однесува на злоупотреба на позицијата и несовесно работење при увоз на респиратори во вредност од 10,5 милиони конвертибилни марки (околу 5,4 милиони евра) за време на пандемијата на коронавирусот.

Новалиќ, Солак и Хоџиќ се товарат за здружување заради извршување на кривични дела поврзани со делата „злоупотреба на положба или овластување, примање награда или друг облик на корист за трговија преку влијание, перење пари, фалсификување или уништување деловни или трговски книги или документи, фалсификување службена исправа и повреда на обврската за водење трговски или деловни книги и составување финансиски извештаи и нивно фалсификување или уништување“, додека Милиќевиќ се товареше за несовесно работење во службата.

Обвинението ги товари обвинетите за извршување на горенаведените кривични дела во врска со набавката на 100 респиратори во вредност од 10.530.000 KM и заштитна опрема во вредност од 2.900.000 KM (10,6 милиони евра) за потребите за борбата против коронавирусот во Федерацијата Босна и Херцеговина во време непосредно по прогласувањето на состојба на несреќа.