Претседателите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони ја усвоија Декларацијата од Скопје

– Претседателите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони на денешниот состанок одржан во Северна Македонија ја усвоија Декларацијата од Скопје.

  • Во Скопје се одржа состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони

Официјалниот текст на Декларацијата е усогласен на англиски јазик, во којшто се истакнува „виталната важност на забрзувањето на процесот на интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија, потребата за приспособување кон ефектите од климатските промени и дебата во однос на мерките за обезбедување виталност на општествата преку задржување на младите во регионот на Западен Балкан“.

Претседателите на земјите од Западен Балкан, како и претседателите на Хрватска и Словенија, се обврзаа преку реафирмирање на ставот во врска со политиката на проширување на ЕУ и перспективата за членство на Западен Балкан „да го интензивираме стратешкиот дијалог со институциите на ЕУ со цел да се забрза процесот на пристапување кон ЕУ и да се спречи занемарување на регионот. ЕУ, како и Западниот Балкан, треба да биде подготвена за проширување во најкус можен рок, но не подоцна од 2030 година за да се постигне оваа цел“.

Во однос на постојаната руска агресија врз Украина и ефектот на прелевање кон Западниот Балкан, со Декларацијата од Скопје се повторува потребата од силна, отпорна и инклузивна ЕУ, со Западен Балкан како нејзин дел.

„Го препознаваме фактот дека сеопфатни политички, економски и социјални реформи се клучни за пристапување кон ЕУ. Се обврзуваме да ги интензивираме нашите напори во спроведувањето на реформите на Западен Балкан, чија цел е зајакнување на владеењето на правото, напредокот, функционирањето на демократските институции и јавната администрација“, стои во Декларацијата.

Учесниците исто така се обврзаа да работат заедно за негување атмосфера на заемна доверба, разбирање, мирно и долготрајно решавање на преостанатите билатерални прашања.

„Ја истакнуваме важноста на постигнување видливи придобивки и можности за граѓаните на Западен Балкан и пред формалното пристапување. Оттука, ја покануваме ЕУ да го разгледа отворањето на патишта кои ќе му овозможат на Западен Балкан да пристапи кон специфични ЕУ-политики, иницијативи и фондови, на тој начин приближувајќи им некои од придобивките од членството во ЕУ на луѓето од Западен Балкан уште денес“, стои во Декларацијата.

Учесниците исто така се обврзаа да работат заедно за негување атмосфера на заемна доверба, разбирање, мирно и долготрајно решавање на преостанатите билатерални прашања.

„Ја истакнуваме важноста на постигнување видливи придобивки и можности за граѓаните на Западен Балкан и пред формалното пристапување. Оттука, ја покануваме ЕУ да го разгледа отворањето на патишта кои ќе му овозможат на Западен Балкан да пристапи кон специфични ЕУ-политики, иницијативи и фондови, на тој начин приближувајќи им некои од придобивките од членството во ЕУ на луѓето од Западен Балкан уште денес“, стои во Декларацијата.

– Борба против ефектите од климатските промени

Во делот за борба против ефектите од климатските промени и нивно ублажување, се истакнува дека приспособувањето кон климатските промени е споделена одговорност која изискува заеднички напори од страна на владите, граѓанското општество, приватниот сектор и меѓународните партнери.

„Се обврзуваме да го забрзаме преминот кон обновливи извори на енергија и да ја зајакнеме енергетската ефикасност со цел да се намали јаглеродниот отпечаток и да се обезбеди одржлива енергетска иднина. Ова може да вклучува еколошки здрави инвестиции во хидро, соларни, ветерни и геотермални извори“, стои во Декларацијата.

Се истакнува дека поплавите што ги погодија Словенија и Хрватска оваа година, како и шумските пожари низ регионот, се потврда за потребата од заедничка работа и заемна помош во справувањето со заедничките предизвици.

– Задржување на младите во регионот на Западен Балкан

Во делот посветен на задржување на младите во регионот на Западен Балкан се вели дека емигрирањето на младите луѓе од Западен Балкан има значителни последици по долгорочната виталност на општествата, одржливиот економски раст и општествениот напредок.

„Ја препознаваме суштинската важност на задржувањето на младите во рамките на Западниот Балкан. Силно сме уверени дека искористувањето на потенцијалот на младите е витално за напредокот на нашите општества и за постигнување долгорочен просперитет“, стои меѓу другото во Декларацијата, каде што учесниците се обврзуваат да создадат привлечна и конкурентна бизнис-средина која охрабрува иновации, претприемништво и создавање нови работни места, задржувајќи ги на тој начин младите во регионот.