Претседателката на Европската комисија смета дека ЕУ ќе има повеќе од 30 членки

 – Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денес ја повика Европската Унија да продолжи со проширувањето, нарекувајќи го тоа „најдобрата инвестиција во мирот, безбедноста и просперитетот за целиот континент“.

Во својот традиционален говор за состојбата на Унијата пред Европскиот парламент во Стразбур, Фон дер Лајен се заложи за проширување на ЕУ, велејќи дека е уверена дека Блокот ќе има повеќе од 30 членки, во однос на сегашните 27.

Таа нагласи дека ЕУ мора да одговори на „повикот на историјата“ и да ја „усогласи“ одлучноста на земјите кандидати да спроведат реформи за да се приклучат кон Блокот.

„Иднината на Украина е во нашиот сојуз. Иднината на Западен Балкан е во нашиот сојуз. Иднината на Молдавија е во нашиот сојуз“, изјави Фон дер Лајен.

Таа најави дека Европската комисија ќе објави прегледи на политиките пред проширувањето за евентуален ремонт на институциите, политиките и буџетот на ЕУ, бидејќи „и на Унијата ѝ се потребни промени за да стане способна за проширување“.

Извршното тело на Европската Унија, исто така, ќе ги вклучи земјите кандидати во својот Извештај за владеење на правото за „да се идентификува напредокот и загриженоста“.

Потсетувајќи на претходната голема рунда на проширувањето во 2004 година, кога десет земји се приклучија на Блокот, Фон дер Лајен рече дека сака ЕУ „да се радува на следниот европски ден за добредојде и на следните економски успешни приказни“.

Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет, минатиот месец повтори дека Европската Унија треба да биде подготвена за нови членки до 2030 година.