– Партијата Грци еколози- Димостенис Вергис на вчерашните парламентарни избори во Грција освои само еден глас, а ниту претседателот и неговата сопруга не гласале, па затоа го бараат единствен гласач на партијата..
Меѓу 36 партии што учествуваа на изборите во Грција, на последното место со само еден глас се најде Грци еколози на Димостенис Вергис, а лично тој за „Прото тема“ вели дека со сопругата биле на викенд на Миконос и воопшто не гласале, па затоа, го бара неговиот еден и единствен гласач.
-Се има случено да учествувам на национални избори и да не добијам глас, сега барем добив еден. Дури го барам да го најдам човекот што ме избра за да му се заблагодарам и да го почестам. Ова беше големо изненадување за мене. Ќе се распрашам и ќе се обидам да го најдам тој што гласаше за мене. Морам да го најдам гласачкото ливче, го сакам за сувенир, вели 82-годишниот Вергис за „Прото тема“.
На минатите парламентарни избори во 2019 година, партијата Грци еколози- Димостенис Вергис, која го носи и името на основачот и претседателот, не освои ниту еден глас.