Претседателот Пендаровски го прими претседателот на Асоцијацијата Тим-40, Жарко Димитриоски

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Жарко Димитриоски, претседател на Асоцијацијата на млади претприемачи во Стопанската комора на Северна Македонија, Тим-40, кој го запозна претседателот со активностите на нивната асоцијација, како и со нивните иницијативи, предлози и идеи со цел унапредување на претприемништвото во земјава.

-Димитриоски пред претседателот ја претстави нивната иницијативата за решавање на јазичниот проблем со Гугл, односно огласувачите од земјава и оние кои таргетираат Македонци, да можат да се рекламираат на Гугл на македонски  јазик, посочувајќи дека ограничувањата не се само за Гугл, туку и за Јутјуб и други страници кои објавуваат реклами, како дел од партнерската мрежа на Гугл, информираат од кабинетот на Претседателот.

Тој го запознал Пендаровски со нивниот предлог одредени државни простории да се пренаменат во деловни простории, коишто за минимален надомест би можеле да ги користат старт-ап фирми, или мали бизниси, како и со иницијативата за издавање на ваучери за обука за користење на вештачката интелигенција на вработените во мали и средни претпријатија.

Димитриоски му ги презентирал на претседателот Пендаровски и нивните идеи кои, како што рекол, имаат за цел стимулирање на растот на плати и зголемена потрошувачка во земјата, како и стимулирање на вработувањето на млади коишто немаат искуство.

Претседателот Пендаровски ги поздравил заложбите и иницијативите на Асоцијацијата на млади претприемачи Тим-40, посочувајќи дека за успешна реализација неопходна е поддршката од државните институции и соработка со бизнис секторот. Во таа насока, претседателот особено ја поздравил и поддржал иницијативата за решавање на проблемот со македонскиот јазик на Гугл.