Претседателот Стево Пендаровски денес ќе се обрати на 78. Генерално Собрание на Обединетите Нации

Претседателот Стево Пендаровски денес ќе се обрати на Генералната дебата на 78. Генерално Собрание на Обединетите Нации, што се одржува на тема – „Обнова на довербата и повторно стартување на глобалната солидарност: Забрзување на акцијата за Агендата 2030 и нејзините Цели за одржлив развој кон мир, просперитет, напредок и одржливост за сите“.

Обраќањето на претседателот Стево Пендаровски е предвидено на сесијата што започнува во 15:00 часот по македонско време и може да се проследи во живо на  Home | UN Web TV General Debate – General Assembly, 78th session.

Предвидено е претседателот Стево Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, да оствари средба со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на која претседателот Стево Пендаровски ќе ја одликува Организацијата на Обединетите Нации со Орден на Република Северна Македонија и ќе му го врачи одликувањето на генералниот секретар Антонио Гутереш. Организацијата на Обединетите нации се одликува со Орден на Република Северна Македонија за големата помош и поддршка при справувањето со последиците од катастрофалниот скопски земјотрес и за непроценливиот придонес за обновата на Градот Скопје, којшто прерасна во град на солидарноста и вистински симбол на пријателството меѓу народите.

Со денешните активности претседателот Стево Пендаровски го завршува учеството на 78. Генерално Собрание на Обединетите Нации.

Претседателот Стево Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, утре ќе отпатува во Чикаго, каде ќе присуствува на хуманитарната гала вечера „Патишта кон просперитет“ во организација на бордот на директори на „Македонија2025“ и ќе го одликува главниот извршен директор на Боинг, Дејвид Л. Калхун со Орден „8 Септември“.

Дејвид Л. Калхун се одликува за неговиот особен и посветен придонес во развојот и унапредувањето на македонско-американските стратешки и деловни односи и за економскиот напредок на нашата земја.