Граѓаните на Црна Гора денеска избираат претседател на државата меѓу седуммина кандидати.
Избирачките места се отворени од 7 до 20 часот, а право на глас имаат 542.154 граѓани.
На изборите учествуваат кандидатите на Демократската партија на социјалистите (ДПС) Мило Ѓукановиќ, Демократскиот фронт (ДФ) Андрија Мандиќ, демократот Алекса Бечиќ, од Движењето Европа сега (ПЕС) Јаков Милатовиќ, лидерот на Обединета Црна Гора (УЦГ) Горан Даниловиќ, пратеничката на Социјалдемократската партија (СДП) Драгиња Вуксановиќ Станковиќ и инфлуенсерот Јован Радуловиќ.
Ова се четврти претседателски избори од обновувањето на независноста на Црна Гора и осми од воведувањето на повеќепартискиот систем.
За претседател на Црна Гора ќе биде избран кандидатот кој ќе добие повеќе од половина од важечките гласови на избирачите кои гласале.
Доколку ниту еден кандидат не го добие потребниот број гласови, вториот круг од изборите ќе се одржи за 14 дена, односно на 2 април.
Во вториот круг учествуваат двајцата кандидати кои освоиле најголем број гласови.
Претседателот на државата ќе се избира со мандат од пет години.
Првите прелиминарни резултати се најавени за 21 часот.
Според анкетите на јавното мислење, извесен е вториот круг од изборите, во кој се очекува да влезе Мило Ѓукановиќ, а за противкандидат се борат Мандиќ, Бечиќ и Милатовиќ.
Изборите денеска ќе ги следат набљудувачи од мисијата на ОБСЕ, Советот на Европа и набљудувачката мисија на Европскиот парламент, која ќе ја предводи известувачот за Црна Гора Тонино Пицула, како и набљудувачи од локалните невладини организации.