Претставник на ЕУ: „Европската миграциска политика стана заложник на политичките интереси“

– Супервизорот за заштита на податоци на Европската Унија, Војчех Вивиоровски, истакна дека миграциската политика на блокот станала „заложник на политичките интереси“ и користи двојни стандарди.

Во блог постот по повод Светскиот ден на бегалците европскиот супервизор Вивиоровски ги предупреди агенциите на ЕУ и владите на ЕУ да ги почитуваат „фундаменталните права предвидени со Повелбата за фундаментални права на ЕУ“.

Според Вивиоровски, „миграцијата на блокот стана инструментализирана; заложник на политичките интереси“.

„Управувањето со границите се разликува низ ЕУ: има подобри и полоши граници во ЕУ, со различни стандарди, каде што улогата на ЕУ се разликува, со различно толкување на законот“, рече тој.

Вивиоровски потсети дека ЕУ „покажа дека ние можеме“ кога пречека милиони украински бегалци што бегаат од војната во Русија, но „покажа исто така и дека зависи“ од каде и зошто доаѓаат барателите на азил.

И покрај „неповолната политичка реалност“, тој ја повика ЕУ „континуирано да се стреми да се држи до своите вредности и принципи на своите граници“ бидејќи тоа е „правна обврска“, а „не прашање на великодушност“.

Неговите изјави дојдоа неколку дена откако најмалку 81 лице загинаа кога рибарски брод со баратели на азил и мигранти потона во близина на јужниот брег на Грција, една од најсмртоносните такви катастрофи оваа година.

Многумина беа спасени, но бројот на жртви се очекува да се зголеми бидејќи преживеаните рекоа дека бродот превезувал над 600 мигранти, главно, од Пакистан, Египет и Сирија.

Според бранителите на човековите права, грчката крајбрежна стража можно е да ги игнорирала СОС-сигналите на бродот, а некои преживеани ги обвинија грчките власти дека се директно вклучени во несреќата.