Претставници на ЕУ: Патот кон ЕУ е јасен и отворен и нема алтернатива, мора да најдете компромис за уставните измени
Уставните измени се во ваши раце и тоа е ваша суверена одлука, но од наша страна јасно порачуваме прозорецот на можности е отворен и Северна Македонија има голем потенцијал да оди напред, сакаме да ја видиме Северна Македонија во ЕУ, но треба да се направат одредени чекори за кои ќе ве туркаме напред, велат претставници на ЕУ.
Како што јави известувачот на МИА од Брисел, во однос на тоа дали ќе се случат уставни измени со оглед дека нема двотретинско мнозинство и противењето на опозицијата, велат дека невозможното секогаш станува возможно кога ќе се постават големи услови и кога ќе се увиди важноста на ова прашање во поглед на стабилност и напредок. Додаваат дека поддржуваат позитивен наратив и изнаоѓање решение.
За нив меѓувладината конференција со ЕУ што се одржа во јули беше значаен пробив за земјава и оти се свесни за фактот дека францускиот предлог наиде на различно толкување во земјава, но тие гледаат на него како на главно достигнување за државава да оди напред.
Тие додаваат дека Западен Балкан останува приоритет на, ЕУ особено во новиот геополитички контекст по руската инвазија врз Украина, кога, како што велат, драматично се смени и динамиката во поглед на проширувањето. на ЕУ.
Претставници на ЕУ не ја исклучуваат можноста претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел да ја посети земјава, во контекст пред подготовката на уставните измени, потсетувајќи дека тој силно ја поддржува земјава и беше во посета на Северна Македонија лани кога имал плодни разговори со политички чинители.
Пораката е јасна, велат тие, Северна Македонија е успешна мултиетничка земја, која напорно работи на тоа.
Патот е јасен и отворен, повторуваат тие и ова е можност, како што велат, што земјава не смее да ја пропушти, при што ЕУ ќе продолжи да се ангажира. Потенцираат дека сепак уставните измени се суверена одлука на земјава и останува на неа што ќе одлучи. Европските претставници напоменуваат дека Северна Македонија има демократски избран Парламент и моќта на Унијата тука е ограничена.
Претставниците на ЕУ нагласуваат оти не гледаат алтернатива и оти, мора да се изнајде компромис. Тоа е нешто, велат, што мора да се направи и сите чинители треба да ја гледаат долгорочната цел, а таа е многу јасна и е водич за решавање на комплексни прашања.
Тие исто така споменаа и дека со Софија во Брисел се разгвара зад затворени врати за комплексни прашања и во овој дел лидерите на ЕУ блиски до земјава, работат на тој фронт.