Приватните специјализанти освен повисоки плати и здравствено осигурување бараат и системски решенија
Приватните специјализанти во вторник за време на паузата повторно ќе се соберат на Клинички да потсетат дека не отстапуваат од нивните барања. Покрај повисоки плати од сегашните речиси минимални 26.000 денари и здравствено осигурување тие бараат и системски решенија и вработувања по систематизација. Испратија порака до сите политичари, кој и да дојде на власт во носењето одлуки да бидат вклучени и здруженијата на младите лекари за да директно се слушнат нивните проблеми и потреби.
-Носењето одлуки зад затворени врати, за ние потоа да дознаваме во службен весник е апсолутно погрешна политика. Треба постојано да бидат во контакт со сите здруженија на лекари, пациенти, најразлични форми на здравствени работници со цел да се носат правилни одлуки. Покачување на платите мора да има и тоа многу брзо, бидејќи станува збор за егзистенција и преживување на овие луѓе. Но мора да има и системски решенија. Мора да има нови вработувања по систематизација, изјави д-р Александра Георгиева, претседател на ЗЛС и приватен специјализант.
-Овие наши барања се релативно скромни за еден доктор кој вложил повеќе од една деценија во високо образование. Одговорноста е голема за работните задачи што по некоја логика не би требало да кореспондира со законски минималната плата. Јас се надевам дека нашите идни лидери ќе го земат ово проблем во предвид и ќе изнајдат решение, изјави д-р Славе Тошевски, приватен специјализант.
Приватните специјализанти една недела не ги извршуваа работните задачи. Штрајкот го ставија во мирување, за да помогнат на постарите колеги во работењето на клиниките, каде има 400-тини млади лекари кои сами си ја плаќаат специјализацијата.
Пововината од нив паралелно учат германски и шведски и сериозно размислуваат да си заминат од Македонија.
Според податоците на македонското лекарско друштво годишно околу 250 доктори си заминуваат во странство.