По преземени мерки и активности, полициски службеници од Одделението за криминалистички работи – ЕВР Центар и Бит Пазар при СВР Скопје, расчистија две кривични дела тешка кражба на дрзок начин сторени во февруари 2023.
„Имено, на 08.03.2023 од слобода бил лишен Љ.А.(20) од село Батинци, скопско. Тој се сомничи дека на 13.02.2023 на булевар „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје со употреба на сила од Н.Б.(50) од Скопје одзел чанта со лични предмети и пари. Исто така, тој се сомничи дека на 20.02.2023 на булевар „Кочо Рацин“, заедно со В.А.(19) од село Батинци, со употреба на сила од С.Д.(61) од Скопје одзеле чанта со лични предмети и пари“, соопштија денеска од МВР.
Со Љ.А. бил извршен службен разговор, при што тој ги признал делата.
Во Полициската станица Бит Пазар денеска бил повикан и В.А., со кого, исто така, бил извршен службен разговор. По целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против двајцата ќе биде поднесена соодветна пријава.