Пригожин: По завршувањето на воената служба во Украина во Русија се вратиле 32.000 поранешни затвореници
– Околу 32.000 мажи, кои беа регрутирани од руските затвори за воена служба во Украина, се вратија дома, изјави шефот на приватната платеничка група „Вагнер“, Евгениј Пригожин.
Тој додаде дека тие го исполниле својот дел од договорот и биле распоредени во борбите.
Активистите за човекови права изразија загриженост што толку голем број криминалци, вклучувајќи и убијци и други насилни криминалци, сега се помилувани и предвреме пуштени назад во руското општество.
Во некои случаи, осудените криминалци веќе извршиле нови убиства.
Пригожин, пак, смета дека воениот рок е одлична програма за ресоцијализација. Во гласовна порака објавена на неговиот канал Телеграм, тој тврди дека ослободените извршиле вкупно само 83 кривични дела.
-Тоа е 80 пати помалку злосторства од оние кои редовно биле ослободени по отслужувањето на казната, наведе шефот на „Вагнер“.
Овој близок и доверлив човек на рускиот претседател Владимир Путин самиот ги регрутирал некои од затворениците во затворските логори. Путин ги помилува оние кои го потпишаа воениот договор. Условот беше да минат најмалку шест месеци во борбени мисии во Украина.
Пригожин во март годинава кажа дека се ослободени околу 5.000 поранешни затвореници од редовите на „Вагнер“, а по заземањето на градот Бахмут, во источна Украина, тој додаде дека во тамошните борби неговата платеничка војска остана покуса за 20.000 борци, од кои 10.000 биле поранешни затвореници.
Во многу случаи тој инсистираше на тоа криминалците да бидат закопани со воени почести.
Активистите за човекови права се жалат дека Русија продолжува масовно да регрутира нови борци за фронтот од криминалци во затворите. Тие наведуваат дека Министерството за одбрана сега го користи казнениот систем за регрутирање борци.