Пригожин се огласи: Не му понудив на Киев информации за руските позиции! Зад нападот врз мене стои деловната и политичката елита!
Шефот на паравоената платеничка организација Вагнер, Евгениј Пригожин денеска ги демантираше наводите дека понудил да ги открие позициите на руските војници на владата во Киев.
Во аудио пораката што ја објави неговата прес-служба на Телеграм, Пригожин ги нарече тие наводи „глупости“ и оцени дека зад нападот врз него стојат жителите на московското предградие Рубљовка, дом на деловната и политичката елита.
Пригожин негираше дека се сретнал со шефот на военото разузнавање на Украина, Кирил Буданов во Африка, велејќи дека тој не бил на континентот од почетокот на конфликтот во Украина и отфрлајќи ја идејата за телефонски разговор со него како смешна.
Наводите за понудата на Пригожин ги објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на објавени документи на американската разузнавачка служба. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека извештајот изгледа како најнова измама.
Како што пренесува „Вашингтон пост“, во јануари Пригожин, во замена за непречено повлекување на неговите сили од бојното поле во Бахмут, каде што неговите ,,вагнерци” ги водат борбите, и’ понудил на украинската разузнавачка служба да ги открие позициите на руските сили, но Украина наводно ја одбила понудата, бидејќи не му верувала, пренесува Ројтерс.
Пригожин, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, претходно јавно се закани дека ќе ги повлече своите платеници од областа околу Бахмут доколку не ја добие толку потребната муниција од руската армија.
„Вашингтон пост“ тврди дека понудата на Пригожин дошла преку неговите контакти со украинската разузнавачка служба.