Прилепските пензионери на протести бараат зголемување на пензиите

Прилепските пензионери денеска протестираа и го блокираа патот на излезот од Прилеп, пред магистралниот пат Прилеп – Битола.

Тие во протестот повторија дека не се откажуваат од барањето за линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари и преку Уставниот суд ќе побараат промена на методологијата за пресметување на платите.

„Не отстапуваме од нашето барање за линеарно, а не процентуално зголемување на пензиите, поточно за 3.500 денари. Ќе бидеме единствени, обединети и нема да се откажеме. Во спротивно, не се согласуваме со предлозите на министерот за труд и социјална политика. Постојано баравме во таа комисија да има претставници од одборите на здруженијата на пензионери да ги испитуваат нашите барања, но тоа не се случува“, изјави Верче Јанческа од иницијативниот одбор на пензионери на Прилеп.

Пензионерите се револтирани што сите ги оглувуваат нивните барања.

На протестот ги поканија и пратениците на Прилеп, на кој им одговори пратеникот Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ кој изјави дека Владата и институциите мора да најдат адекватни решенија за проблемите и дека треба да се вклучи и опозицијата.