Основното јавно обвинителство Прилеп побара мерка притвор до 30 дена за осомничениот, кој вчера околу 14,00 часот вооружен влегол во просториите на Центарот за социјална работа во Прилеп, пукал и повредил социјален работник.
„До судијата е поднесен предлог за определување мерка притвор до 30 дена поради основани стравувања дека осомничениот ќе бега и ќе влијае на сведоците, како и поради ризик од повторување на кривичното дело“, нагласи јавниот обвинител Стевчо Биноски.
И денеска е издадена наредба за спроведување на истражна постапка за две кривични дела.
Биноски нагласи дека е потребна истражна постапка за кривичното дело убиство во обид од член 123 ст.2 во врска со член 19 од Кривичниот законик, како и за кривичното дело неовластено поседување оружје од член 396 став 3 во врска со став 1.