Принудувале малолетни девојчиња на проституција за да си го отплатат долгот! Откриена е криминална организација: Девојчињата морале да бидат достапни 24/7

Шпанската полиција вчера објави дека открила кинеска криминална организација која носела Азијки, некои од нив малолетни, во Шпанија, Грција и САД заради проституција.

Полицијата уапсила 30 лица, ослободила 33 жртви од кои една малолетна и затворила два бордели.

Кинеската криминална организација била насилна мрежа која не се двоумела да употреби огнено оружје и сите други видови ладно оружје за да изврши злосторства или да нападне „ривалски групи“, соопшти полицијата.

Таа организација ја искористила „ранливоста“ на младите жени и им ветувала „подобра иднина“ во странство, но во реалноста се обидела да ги „проституира во Грција, Шпанија и САД“.

Некои малолетници биле продадени на шефови на други кланови за експлоатација.

Во Шпанија овие жени биле принудувани на проституција во Мадрид, Барселона и Сарагоса „во услови блиски до ропство“. Тие мораа да бидат достапни „24 часа на ден, седум дена во неделата“ додека не го платат долгот настанат со организирање на нивното патување во Европа, кое чинеше околу 20.000 евра, се вели во полициското соопштение.

Уапсени се 30 лица, најмногу во Барселона (13) и Мадрид (12).

Криминалната организација, исто така, ја предводеше мрежата за илегална имиграција обезбедувајќи фалсификувани документи, главно на Кинези, за да патуваат во Европа, од каде што биле испратени во Централна Америка пред да пристигнат во САД.

Таа мафијашка мрежа се занимавала и со други криминални активности како изнуда и трговија со дрога. Трговците со луѓе имале задача да регрутираат малолетници за да продаваат кетамин и други супстанции, додаде шпанската полиција.