Принцот пред стратешки договор со Америка: Саудискиот престолонаследник пред „конечната верзија“ со советникот на Бајден (фото)
Саудискиот принц Мохамед бин Салман и советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан разговарале за „конечната верзија“ на стратешките договори меѓу двете земји во саудискиот град Захран, објавија денеска официјални саудиски медиуми.
Договорите се главен дел од напорите на Вашингтон да го натера Ријад да ја признае државата Израел, но напорите дополнително се комплицираат со актуелната војна во Појасот Газа.
Саудискиот престолонаследник, кој во реалноста е и лидер на Саудиска Арабија, разговараше со Саливан за „конечната верзија на предложените стратешки договори меѓу кралството и САД“.
Саудиските медиуми посочуваат дека работата е „при крај“.
Двајцата разговараа и за напорите што двете страни ги прават за палестинското прашање и за изнаоѓање „кредибилен пат до решение за две држави како одговор на аспирациите на палестинскиот народ и неговите легитимни права“.
Разговорите ја вклучија и ситуацијата во Појасот Газа и потребата да се стави крај на војната и да се олесни влезот на хуманитарна помош на палестинската територија, која е под опсада и уништена во повеќе од седум месеци војна меѓу Израел и Хамас.
Портпаролот на Белата куќа рече дека разговорите на Саливан во Саудиска Арабија треба да се однесуваат на „билатералните и регионалните прашања, вклучително и војната во Појасот Газа“, како и „тековните напори за постигнување траен мир и безбедност во регионот“.
Постигнувањето нормализација на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија врз основа на моделот на договори склучени со други арапски земји е една од главните дипломатски цели на американскиот претседател Џо Бајден, пишува Франс прес агенција.
Саудиска Арабија бара зајакнати безбедносни односи со Вашингтон, најголемиот безбедносен партнер на кралството, а Вашингтон изјави дека е подготвен да ги обезбеди, но Саудијците бараат и формирање на палестинска држава, што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не го сака.
Ријад исто така преговара за помош за развој на цивилна нуклеарна програма.
Во септември, Мохамед бин Салман изјави дека е оптимист за можноста за постигнување таков договор, во интервју за Фокс њуз, но војната во Појасот Газа ја искомплицира ситуацијата, велат аналитичарите.
Белата куќа додаде дека Саливан треба да оди во Израел на разговори во текот на денот.