Природни лекови против чешање од убод од комарци

Во текот на летото, колку и да се трудиме не можеме да ги избегнеме комарците. Постојат неколку домашни лекови кои можат да ни помогнат против чешање од убодот на овие инсекти.

Комарците можат да пренесат разни болести, но за многумина мачниот оток и чешањето претставуваат почеста закана. Не постои апсолутна заштита од комарците, но добро е да знаете кои природни лекови помагаат против чешање од убод од комарци.

Јаболков оцет

Има антибактериски својства и може да помогне за црвенилото и болката од убодот. Ова е природен лек што помага по убод од комарец, но и други инсекти.

Алое вера

Оваа билка е една од најдобрите природни антисептици. Ако немате дома спреј од алое вера, можете од билката да извадите гел, да го ставите во фрижидер 10 до 15 минути и потоа да нанесете на местото на убодот.

Паста од сол

Солта има антисептични и антивоспалителни својства, одлична е против отоци и чешање по убод од комарци. Направете паста од сол со неколку капки вода и нанесете на местото на убодот, па по неколку минути измијте со вода.

Мед

Медот има антибактериски и антивоспалителни својства. Нанесете малку мед на местото каде ве каснал комарец и веднаш ќе почувствувате подобрување.