Приштина реагира на изјава на Бујар Османи за Косово

„Излегов со планот од девет точки за деескалација на северот на Косово, излегов како претседавач со ОБСЕ бидејќи е тешко да се носат одлуки зашто тие се носат со консензус и затоа го искористив мојот мандат како претседавач за да излезам со планот од 9 точки кој потоа стана план на косовската влада за деескалација“, рече Бујар Османи, Кандидат за претседател.

Оваа изјава на Бујар Османи поттикна реакции во Косово и Македонија. Портпаролот на Владата на Косово, Перпарим Круезиу, денеска изјави дека планот од девет точки на ОБСЕ за деескалација на ситуацијата на северот го подготвил Бујар Османи.

Во планот објавен на 3 јуни 2023 година, од Косово се бара да ја повлече Специјалната полиција од северот, а Србија да ја намали подготвеноста на Армијата.

„Вчера разбравме дека планот од 9 точки на ОБСЕ бил подготвен од г. Бујар Османи. Уште еден случај кога Албанците го гледаат Косово низ очите на меѓународните посредници. На крајот, овој план не стана владин план. Дојде до деескалација. Без да се наруши суверенитетот и без да се загрози безбедноста…“, рече Перпарим Круезиу, Портпарол на Владата на Косово.

Во земјава пак, реагираше кандидатот на албанската опозиција за претседател Арбен Таравари. Тој рече дека во документот на Бујар Османи се барало од северот да се повлечат, како што рече, „хероите кои сите нас нè направија горди во случајот со нападот на Вучиќ во Бањска, каде од српските терористи беше убиен маченикот полицаец Африм Буњаку.“

„За среќа, мислам дека Владата на Косово не го прифати планот на Бујар Османи, бидејќи доколку тој план беше прифатен, бандите на Вучиќ немаше да наидат на отпор. На сите ни е тешко кога политичар од Северна Македонија, како Бујар Османи, зазема такви антинационални позиции во случајот со Косово“, изјави Арбен Таравари, Кандидат за претседател.

Реакција стигна и од советникот на премиерот на Косово за Македонија, Беким Ќоку. Тој дури потсети дека во прислушуваните разговори што ги пушташе Заев се слушало како лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се залагал за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство на Косово.