Бидејќи се познати многуте позитивни ефекти на пробиотиците врз имунолошкиот систем, новите податоци дека пробиотиците имаат позитивно влијание и врз здравјето на гингивата (непцата) не се изненадувачки.
Ново германско истражување покажа дека пробиотската култура на Lactobacillus casei влијае на имунолошкиот систем, го подобрува здравјето на непцата и ги намалува симптомите на болести како гингивитис (воспаление на непцата).
Пробиотиците исто така имаат директен локален ефект врз флората на усната шуплина, но најголем ефект се претпоставува дека лежи во имуно-модулаторното дејство на пробиотиците.
Според студијата објавена во списанието за клиничка пародонтологија, луѓето кои консумирале пробиотици имале помалку воспалителни процеси и разградувачки ензими во непцата, во споредба со контролната група која примала плацебо (лажни пробиотици).
Покрај Lactobacillus casei, благотворно влијание врз здравјето на усната шуплина покажа и пробиотската култура на Lactobacillus reuteri prodentis.
Ако не сте знаеле, пробиотиците се живи организми, често означени како „добри бактерии“, кои се додаваат во прехранбените производи.
Пробиотиците обезбедуваат здрава рамнотежа на нормалната цревна бактериска флора и се поврзани со широк спектар на здравствени придобивки.
Важно е да се консумира храна која содржи пробиотици како јогурт, сирење и други млечни производи, ферментирана храна.