Продолжуваат експлозиите во магацинот со муниција во близина на грчкиот град Волос

Продолжуваат, но со намален интензитет,  експлозиите во магацинот со муниција на военото воздухопловство, зафатен од пожарот во близина на грчкиот град Волос, а паралелно беше евакуирано локалното население, но и префрлени воени авиони од базата што е во непосредна близина, јави дописничката на МИА од Атина. 

Пожарот го зафати приморскиот град Неа Агхиалос каде што се наоѓа и складиштето во кое веќе неколку часа траат експлозиите.

На околу четири километри е и воената авио база, па затоа, според грчките медиуми, започнало и превентивно префрлање на воени авиони на друга, безбедна локација.

До жителите на поширокиот регион, поконкретно на 12 населени места, во период од два часа преку бројот 112 за итни случаи беа испратени пет пораки за евакуации, а во 20 часот по локално време следеше и нова, до оние кои се наоѓаат во Агхиалос и Караба да се евакуираат на растојание од три километри од местото на експлозиите.

Евакуациите се одвиваа по копно и море, а со помош на приватни чамци и бродови од Крајбрежната служба на Грција, по морски пат биле пренесени на безбедно место 133 лица.

Пожарите во областа Магнисија во централна Грција се активни од вчера во близина на градовите Волос и Ламија, а попладнево имаше разгорување и поради силниот ветер, огнената стихија брзо се проширила до населени места, како и до магацинот со муниција на военото воздухопловство.