Пендаровски: Крајниот рок за гласање за уставните измени е 30 ноември, кога завршува скринингот

Не верувам дека гласањето за уставните измени ќе биде на 17 август, не затоа што се колективните одмори во прашање, туку затоа што нема да биде завршена дебатата. И да почне дебатата, не може да заврши толку брзо за да имате гласање на 17 август. Мојата проценка е дека или ќе се направи сериозен обид да се обезбеди двотретинско мнозинство или нема зошто да се форсира брзо гласање, кога во овој момент е јасно дека нема двотретинско мнозинство во Собранието, изјави вечерва претседателот на државата Стево Пендаровски.

Пендаровски е на ставот дека гласање ќе има оној момент кога ќе бидат обезбедени 80 пратеници.

Тој во гостувањето на Канал 5 телевизија посочи дека крајниот рок за гласање е 30 ноември, кога завршува скринингот. Подоцна од 30 ноември, ако до тој момент не го промениме Уставот, рече Пендаровски, во сила стапува само блокада.

-Според најавите од Парламентот, првото гласање за уставните измени може да биде на 17 август. Јас реков дека веројатно станува збор за недоразбирање во перцепцијата на таа информација. Не би можело да биде така, не затоа што се колективни одмори во прашање, туку затоа што нема да биде завршена дебатата. И да почне, не може толку брзо да заврши дебатата за да имате гласање на 17 август. Меѓу првото и второто гласање има втора фаза наречена јавна дебата. Должината не е прецизно определена, тоа зависи од одлуката на спикерот колку долго треба таа да трае. Подоцна од 30 ноември, ако до тој момент не го промениме Уставот, во сила стапува само блокада и од 1 декември скринингот е завршен, појасни Пендаровски.

Прашан дали Мицкоски ќе се предомисли со оглед на тоа што се уште е на ставот дека е против уставните измени, Пендаровски одговори дека е можно низ убедување да се истурка овој стратешки проект.

-Факт е дека пред месец дена на лидерската средба Ковачевски – Мицкоски, имаше промена на ставовите на Мицкоски. Подоцна тој ретерираше на старите позиции, но можеби такво нешто во некако облик, дали како заедничка Влада, можеби ќе се најде модус во кој ќе можеме да го истуркаме тој стратешки проект. Не знам како ВМРО-ДПМНЕ ќе се постават, но крајно ме изненади ставот на Мицкоски на таа лидерска средба, рече Пендаровски.

Во моментот, според Пендаровски, не постои план Б, освен да се направи компромис за уставните измени. 

-План Б оваа Влада нема. Планот Б е планот А, а тоа е да се обидеме да направиме компромис. Ако опозицијата има мислење да дојдат на власт и потоа сериозно да не се обидуваат да го променат Уставот и да ги внесат Бугарите внатре, тогаш дури и да ги направиме изборите порано, само порано ќе се самоблокираме. Изборите не вршат работа од аспект на овој проблем што го имаме, рече Пендаровски.

На прашањето дали е можна Влада без ДУИ, како што бараше ВМРО-ДПМНЕ на лидерската средба, Пендаровски рече оти ДУИ не може да се заобиколи, бидејќи е незаобиколен фактор за Бадентер.

-Јас не мислам дека ДУИ може да се заобиколи, затоа што дистрибуцијата на парламентарните мандати е дадена од 2020 година и тешко е кога ДУИ има убедливо најголема бројка на пратенички мандати да може туку така да ја исклучите. Ова е така затоа што за многу закони е потребен Бадентер. Без ДУИ, дури и со најновите трансфери не можете да направите над половично мнозинство од т.н. етнички пратеници. Можете да ги исфрлите ДУИ од Влада со некакви комбинации, но не можете да имате Бадентер, рече Пендаровски.