(МАПА) „СОСТОЈБАТА Е КРИТИЧНА“ Ситуацијата во Украина ескалира, Зеленски ги откажа патувањата, илјадници луѓе се во бегство: „Вовчанск е речиси уништен“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја откажа посетата на Шпанија и Португалија, а странските медиуми јавуваат дека причина е интензивирањето на жестоките конфликти на фронтот, особено во регионот Харков.

Шпанскиот крал Фелипе требаше да го прими Зеленски на 17 мај и да подготви ручек во негова чест. Зеленски, исто така, требаше да потпише договор за билатерална безбедносна соработка со премиерот Педро Санчез по минатогодишната заедничка изјава на НАТО.

Шефот на украинските полициски сили во регионот Харков извести дека ситуацијата во градот Вовчанск е „исклучително тешка“. Олексиј Харковски на Фејсбук објави дека руските сили воспоставуваат позиции во градот.

Вчера руската армија тврдеше дека зазела делови од Вовчанск и пограничното село Бугруватка.

Проектили паѓаат и врз Харков

Локален функционер во вторникот изјави дека пограничниот град Вовчанск е „речиси уништен“ и дека продолжиле жестоките борби во областа, неколку дена откако Русија започна нова офанзива на североистокот.

– Ситуацијата во Вовчанск е критична – изјави во вторник шефот на градската администрација Тамаз Хамбарашвили.

Вовчанск е под контрола на украинските вооружени сили, но во тек е жестока размена на оган додека мали групи руски војници се обидуваат да влезат во предградието Вовчанск, рече тој.

Проектили паѓаат и врз Харков, каде што 17 лица беа повредени, меѓу кои две деца, откако Русите удриле во облакодер во вторникот, соопштија украинските власти.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во вторникот дојде во ненадејна посета на Киев за да ја увери Украина за американската поддршка во војната.

Украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана во понеделникот извести дека Русија користи 30.000 од своите 50.000 војници собрани на границата за нова офанзива на Кремљ.

Во понеделникот Зеленски објави дека испратил засилување во регионот.

– Украинските единици се снабдени со потребната огнена моќ и сили, а резултатите се подобри. Ние уништуваме непријателска пешадија и оклопни возила. Во исто време, можеме јасно да видиме како работи непријателот – рече тој.

Официјални лица во Вовчанск изјавија дека руските трупи пукале со минофрлачи и касетни бомби, додека жестоки борби се водат на северната периферија.

Околу 5.900 луѓе беа евакуирани од своите домови во последните неколку дена поради интензивирање на борбите и побегнаа кон Харков.

Руската војска во понеделникот објави дека „ја подобрила тактичката ситуација и извршила напади“ врз украинските војници и воена опрема во регионот Харков, вклучително и кај Вовчанск.

„Америка размислува да испрати уште еден „патриот“

Соединетите Држави размислуваат да префрлат уште еден систем „Патриот“ во Украина, пишува Блумберг, повикувајќи се на извори запознаени со ова прашање.

Системот вклучува радари и контролни станици, ракетни фрлачи и возила за поддршка.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во вторникот најави трансфер на уште еден комплекс Патриот во Украина. Претходно западните медиуми објавија дека Украина во последно време соборува помалку руски ракети.