Продолжува бојкотот на наставата во „Лазо Ангеловски“, се бара решение за третоодделенецот

И денеска продолжува бојкотот на наставата во ОУ „Лазо Ангеловски“. Родителите не ги пуштија децата заради одлуката во училиштето да остане третоодделенецот со проблематично поведение. Голем дел од учениците во одделението каде е запишан овој ученик, веќе ги отпишале своите деца. Советот на родители смета дека родителите на проблематичниот ученик не сакаат да соработуваат со службите за заемно решение.

Првично родителите на третоодделенецот со проблематично однесување го отпишале од „Лазо Ангеловски“ и сакале да го запишат во училиштето „11 Октомври“, но таму по протестите на родителите, директорката одбила да го прими овој ученик. И таму имаше краток бојкот на наставата. Решение бараа во МОН на средба со претставници на Општина Аеродром.

„Формирана е интердисциплинарна комисија составена од претставници на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Општината Аеродром, училиштето и социјалните служби, која се состанува за разгледување и преземање соодветно мерки и активности согласно законските регулативи, во чиј фокус се најдобрите интереси на ученикот, но и на сите инволвирани“, велат од МОН.

Училишниот одбор на ниедно училиште нема право да носи одлуки за бојкот на наставата, изјави пред неколку дена министерката за образование Весна Јаневска. Според неа, пренагласена е реакцијата на сите родители, но и училиштата посериозно да ја сфатат работата во однос на децата кои имаат потешкотии во учењето или потешкотии во однесувањето и социјализацијата.

„Ако стручни лица препорачале детето да ја промени средината, значи треба да ја промени. Училиштето од каде што потекнува детето, на располагање има психолог, педагог и директор и цел систем за да го реши проблемот. Ист таков систем има и училиштето во кое што оди сега детето. Тоа не смее да остане на улица“, кажа Јаневска пред неколку дена.

Родителите на учениците во „Лазо Ангеловски“ нема да ги пуштат своите деца на настава доколку во училиштето остане овој проблематичен ученик.