Продолжува посетата на вицепремиерот Маричиќ на Брисел  

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска ја продолжува работната посета на Брисел, во чии рамки учествува во работата на дводневниот Форум „Глобална порта“, што започна вчера со учество на над 40 високи владини претставници на земји членки и партнери на ЕУ, како и на делегации на меѓународни организации, граѓанското општество, приватниот сектор и финансиски институции, меѓу кои и на Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).  

Предвидено вицепремиерот Маричиќ да одржи и брифинг со Работната група за проширување и земји кои преговараат за пристапување во ЕУ (КОЕЛА), како и работен состанок со в.д. директорката за Западен Балкан во ДГ НЕАР, Микела Матуела, на кој тема на разговор ќе биде текот на скрининг процесот и подготовката на стратешките документи – Патокази, кои се наша обврска за отворање на Кластерот 1 – „Фундаментални вредности“.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Маричиќ вчера имаше средби со еврокомесарите за проширување и за буџет и администрација, Оливер Вархеји и Јоханес Хан, како и со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан.Копман, а во вторникот и со заменикот на генералната директорка за Западен Балкан во Европската служба за надворешна политика (ЕЕАС), Марко Маковец и со главниот советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Симон Морду.  

Главни теми на средбата Маричиќ-Вархеји беа актуелните политички настани во земјава, текот на скрининг процесот и очекувањата пред објавувањето на Извештајот за напредокот за 2023 година.

Актуелните политички настани во земјава, текот на скрининг процесот и очекувањата пред објавувањето на Извештајот за напредокот за 2023 година, беа главни теми на денешната средба во Брисел н

– Северна Македонија има место во ЕУ, сега е момент за забрзување на пристапниот процес. Со новиот план на ЕУ за забрзана интеграција на Западен Балкан пораката е јасна дека регионот мора да се подготви побрзо за членство во ЕУ и со конкретни чекори суштински да се придвижува кон целосна интеграција во Унијата, порача Маричиќ по средбата.   

Тој потенцира дека членството на земјава во ЕУ е на дофат и треба да го искористиме позитивниот политички моментум, бидејќи ова е шанса која не знаеме кога и дали воопшто ќе ја имаме повторно.   

На средбата Маричиќ потенцираше и дека за Владата членството во ЕУ останува клучен надворешнополитички приоритет и дека се прават сите напори земјата да остане во процесот на преговори и да напредува со другите држави од регионот.  

На  разговорот пак со еврокомесарот Хан беше реафирмирана посветеноста на ЕУ да работи на паралелни реформи во институциите, буџетот и процесите за донесување одлуки, со цел до 2030 година да се создаде погодна средина за нејзино проширување.  

– Треба да го задржиме континуитетот во спроведувањето на реформите кои ќе дадат суштински резултати за забрзување на пристапниот процес, наведе Маричиќ по средбата.  

Хан, од своја страна, изрази охрабрување и поддршка за земјава да продолжи со тековен преговарачки процес, бидејќи следат позитивни промени и план на ЕУ за раст на државите од регионот.  

– Со подготвеност до 2030 за нови држави членки, ЕУ го враќа кредибилитетот и за нас е движечка сила за успешни реформи и демократскиот напредок, наведе Маричиќ.  

Директорот на ДГ НЕАР, Герт Јан Копман, пак, поосчи дека Европската Унија е подготвена дополнително да го унапреди преговарачкиот процес со Северна Македонија и регионот во наредниот период, што ќе даде јасни и видливи резултати во приближувањето кон ЕУ.  

Европската Унија е подготвена дополнително да го унапреди преговарачкиот процес со Северна Македонија и регионот во наредниот период, што ќе даде јасни и видливи резултати во приближувањето к

– ЕУ е подготвена да ги забрза преговорите, но реформите остануваат клучни за напредок кон полноправно членство. Важно е да знаеме дека имаме партнери кои ја сакаат Северна Македонија во ЕУ и кои веруваат дека сме подготвени за доброто на државата и граѓаните да го направиме следниот чекор кон ЕУ, истакна Маричиќ по средбата со Копман, која ја оцени како продуктивна и важна за односите на земјава со ЕУ, за поддршката од државите членки за продолжување на нашиот процес на пристапни преговори и за важните реформи поврзани со евроинтеграцијата, особено владеењето на правото и борбата против корупцијата.   

На средбата на Маричиќ со Маковец е нагласено дека членството во ЕУ мора да остане клучен надворешнополитички приоритет на земјата, во услови кога државите од Западниот Балкан остануваат во фокусот на европската надворешнополитичка агенда, додека на разговорот со Морду е посочено дека политиката на проширување добива ново темпо, а 2030 година како индикативен датум за интеграција на регионот во ЕУ е значаен чекор кој се случува две децении по ветувањето дадено на Самитот во Солун.   

Вицепремиерот Маричиќ синоќа се обрати и на лидерската сесија за образование и истражување на Форумот „Глобална порта“, насловена „Посилни заедно преку одржливи инвестиции“, при што истакна дека образованието и младите се столбови за развој на човечкиот капитал и ние како држава која започна преговори за пристап во ЕУ, нашиот фокус на образованието и истражувањето го усогласуваме со посветеноста на Унијата за инклузивен економски развој.  

– Среде енергетски и воени кризи, мисијата на ЕУ и нејзините партнери е да се засили блиската соработка и заеднички да ги надминуваме предизвиците, истакна Маричиќ, посочувајќи дека активното учество на земјава во програмата Еразмус+ и во Европскиот корпус за солидарност, го збогати нашиот образовен и младински сектор.  

Според Маричиќ, шемата за гаранции за млади поттикнува успешни приказни во високото образование и програмите за мобилност на ЕУ, а нашата посветеност на поврзувањето и соработката не придонесуваат само за нашите евроинтеграции, туку и за глобалната мрежа на исти вредности и цели за одржлив напредок.  

– Тие кои соработуваат ќе се движат напред и ќе имаат позитивни резултати во секоја област. Трендот е јасен – инвестирањето во човечки капитал од најмала возраст го максимизира потенцијалот, заклучи Маричиќ.