Продолжува потрагата по исчезнатото девојче во реката Вардар

Центарот за управување со кризи (ЦУК) и денес продолжува со потрагата по 16-годишното девојче кое исчезна во водите на реката Вардар, во близина на селото Уланци кај Градско.

Девојката исчезна вчера, по што започна голема потрага со полициски чамци, спасувачки екипи и кучиња трагачи.

„Дежурниот оперативен центар на ЦУК е известен дека тимовите што го вршеа пребарувањето ќе бидат повлечени поради недостаток на минимални услови погодни за пребарување во ноќни услови. Утре рано наутро, тимовите ќе продолжат со пребарувањето во меѓусебна координација“, информираше вчера ЦУК.

Инцидентот бил пријавен вчера попладне во Полициската управа Велес – две девојки, едната на 16 години, а другата на 26 години, паднале во водите на реката Вардар во близина на селото Уланци, општина Градско.

По пристигнувањето на местото на настанот, 26-годишната девојка била пронајдена жива, додека потрагата по 16-годишната девојка сè уште е во тек, известува Полициската станица Велес.