– Во медиотеката на локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес попладнево беше промовирана стихозбирката „Развојни вредности“, 11-та по ред книга на велешкиот автор Божидар Јовиќ.
Рецезентот Лила Арсова, претседател на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ во кој членува и Јовиќ, информира дека во секој поетски наслов, авторот на стихозбирката ја поттикнува идејата за индивидуално препознавање на развојните потенцијали за организирање и унапредување на развојни можности кај секоја личност и одговорноста на претпоставените во сите други организациски установи.
Таа појасни дека збирката ќе ни помогне да ги сфатиме функционалните поими за организациска поставеност на себеси кон другите.
-Божидар Јовиќ со современ поетски јазик на чувствата што се блиски на секој стих го допира лирскиот субјект со суптилни начела на личноста со темените развојни вредности на животот. Таа е сраснатост во книгата „Развојни вредности“ кои се секојдневно опстојувачка потреба и стануваат составен дел на човечноста за радоста и осмисленоста во живеењето, појасни Арсова.
Авторот Божидар Јовиќ пред присутните информира дека на првата страница е ставен „Преродбеникот“ посветен на Кочо Солев Рацин затоа што, како што појасни, тој ја продолжи линијата на кирилометодиевската мисла на својот македонски народ, со своја структура на градење на македонскиот јазик и култура.
-Дојдов до едно сознание за карактерот, за коренски вредности на зборовите коишто останаа синтагматска целина во морфолошката структура, за односот на индивидуата кон себеси. Не случајно книгата се вика „Развојни вредности“ тие што ние ги подржуваме, развиваме и пренесуваме кон генерациите. Оваа стихозбирка е целина која од нас отвора нов хоризонт во препознавање на синтагматската целина, појасни Јовиќ.
На промоцијата стихови од стихозбирката на Јовиќ читаа средношколци од хемиското училиште ССОУ „Димитрија Чуповски“ и гимназијата „Кочо Рацин“, а со музички точки настапија ученици од основното музичко училиште „Стефан Гајдов“.