Промоција на книгата: „Само љубов шириш, Христе“ во Бигорскиот Манастир (фото)

Во атмосфера на непосредна радост и чисти пасхални восклици, изразени низ детска насмевка и задоволство, во текот на вчерашниот неделен ден помина промоцијата на Велигденската збирка песни за деца, насловена како: „Само љубов шириш, Христе“.

Збирката велигденски творби, којашто децата од Дебар, Река, Маврово, но и пошироко, ја составија за своите најдобри пријатели – децата, е направена по идеја на нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, чиишто неуморни трудови за напредокот на овој крај се познати насекаде. Тој на присутните им се обрати со пригодно слово, поздравувајќи ги и изразувајќи го своето големо задоволство, најнапред кон децата, а потоа и кон стручните соработници и родителите:

„Почитувани професори и родители,

Возљубени дечиња,

Мојата радост е навистина огромна, гледајќи ве во толкав број, собрани за овој преубав настан – промоција на стихозбирката со детски велигденски песнички. Самиот наслов на книгата, „Само љубов шириш, Христе“, е земен од песничката на малиот Марко. И мислам дека сосема точно е избран тој наслов, бидејќи децата природно Го чувствуваат Христа како Некој Кој шири само љубов. Децата најмногу ја сакаат љубов и таа им е неопходна, за да растат на еден правилен и здрав начин. Затоа Христос во Своето Евангелие вели: Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо (Марко 10,14); и на друго место: Вистина ви велам, ако не се промените и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно (Матеј 18,3). Секако, Он тука мисли на детската чистота и едноставност со која треба да се одликува секој човек. Оти, децата обично се едноставни, искрени, полни со љубов, со чисти срца. Христос сака сите луѓе да бидат такви. Всушност, Творецот на овој свет таков и го создал човекот: го предназначил да биде божествен, да биде бог по благодат. И целта на нашето суштествување е токму тоа: најнапред да станеме добри, вистински луѓе и по благодатта Божја да стасаме до обожение. Да бидеме соединети со нашиот Создател и Творец, Кој е љубов. Всушност, која е совршената љубов? Љубовта е Личноста, љубовта е Самиот воплотен Христос, Божјото Слово, кон Кое се стремат нашите души.

Целта на книгичката што денеска ја промовираме, во овој радосен период на попразненство на Светата Пасха, кога уште се поздравуваме со радосниот поздрав Христос Воскресе, е токму таа: преку песни, преку поезија да се изнесат чувствата на децата во однос на најголемиот христијански празник, Воскресението Христово, и секако, нивните чувства кон самиот Спасител и Господ Исус Христос.

Книгата е секако плод и на трудот и работата, на влијанието на манастирот преку монасите, особено преку веронауката, што во последно време почна да се практикува во ростушката црква, така што децата, а и нивните родители  стекнале доста познавања за својата вера. На тој начин, книгата е и едно своевидно сведоштво дека Христијанството на овие простори отсекогаш било силно, дека тоа е историската и длабока вкоренета вера во овој крај и дека тоа треба така да остане до крајот на светот.

Секако, ние овде живееме со взаемна почит и со нашите браќа по крв кои практикуваат мухамеданска или исламска религија. И затоа неслучајно книгата ја насловивме „Само љубов шириш, Христе“, бидејќи Христијаните се оние коишто треба да ја оприсутнуваат Христовата небесна љубов во овој свет. И добро е и за овој крај Христијанството никогаш да не свене, затоа што крајов ќе биде побогат доколку луѓето се учат на соживот и на меѓусебно почитување. Всушност, преку различностите луѓето стекнуваат и поголема човечност и една поубава, да кажам, мултикултурност, затоа што знаат и научиле да живеат со различностите на другиот. Ние како Христијани сме должни особено да го почитуваме другиот во неговите различности. Се радувам што сега меѓу нас е и почитуваниот професор Рамазан Рамановски. Нему посебно му благодарам и слободно можам да кажам дека тој беше нашата инспирација за овој потфат. Имено, тој неодамна се запозна со еден од нашите монаси, со отец Анатолиј, кој ми раскажа убави нешта за професорот Рамазан. Наскоро, ние како братство бевме поканети на една детска поетска манифестација организирана токму од него, и се израдував што тука, во Ростуше, еден наш брат кој припаѓа на исламската религија, го негува македонскиот јазик, допринесува за негово запазување и за негово ширење. Мене тој ден ми беше празник, бидејќи гледав и слушав како и деца со исламска религија од овој крај толку убаво читаа песни на македонски јазик! Затоа, сакам уште еднаш да му се заблагодарам на наставникот Рамазан, кој на некој начин го поттикна создавањето на оваа збирка.

На крај ќе повторам дека мојата најголема желба и моите молитви се да има што повеќе деца во крајов, и фала Му на Бога, многу молитви се услишени досега. Дај Боже да има уште повеќе дечиња, да гледаме и да им се радуваме и да растат покрај Манастирот, кој има што да им покаже и да ги научи – вековни, традиционални, фундаментални пораки за животот. И Бог на љубовта да ни помага да се сакаме сите во овој крај, без разлика на верската и национална припадност, оти, пак ќе кажам, Бог е љубов. Тоа го пишува во своето послание Апостолот на љубовта, Свети Јован Богослов. И еден интересен податок: древните Христијани не се поздравувале со „добро утро“, „добар ден“, туку со поздравот од Свети Јован Богослов: „Бог е љубов“, кој на арамејски јазик – јазикот што го зборувале Христос и Апостолите – звучел: Mar (ܡܪ) „Господар“ или „Бог“ и Haba (ܚܘܒܐ) „љубов“. Кога ќе ги споиме „Мар“ и „Хаба“ доаѓаме до длабоката вистина опфатена во „Мархаба“: „Бог е љубов“. Оваа моќна порака ја рефлектира Божествената природа на безусловната љубов, сугерирајќи дека љубовта произлегува од Божествениот извор и ги проникнува сите аспекти на човековиот живот. „Мархаба“ е повеќе од обичен поздрав; тоа е покана да го препознаеме Божјото присуство во себе и меѓу нас и да ја препознаеме меѓусебната поврзаност на сите суштества. Со ширењето на Христијанството на Исток, се проширил и овој поздрав, се одомаќинил во арапскиот јазик, а оттаму преминал и во турскиот, со видоизменета форма како Merhaba, како што и до денес се употребува како секојдневен поздрав. Значи, поздравот на Свети Јован Богослов Мархаба ги потсетувал Христијаните дека ако Бог е љубов, тогаш и тие се должни да бидат љубов. Зарем треба некого да не го љубиме на овој свет? Ние сме повикани да ги љубиме дури и своите непријатели, а да не зборуваме за луѓето со нивните различности. Кога Бог е љубов, тогаш и јас треба да ги сакам сите!

И да не должам повеќе, срцето ми е полно со радост што ги гледам овие мали убавци и убавици и од срце ги благословувам. Сега ја поканувам професор д-р Милена Ристова – Михајловска да го произнесе својот промотивен говор“.

Оваа прва песнарка од ваков вид, во која се сместени најискрените детски доживувања за празникот Воскресение Христово, беше промовирана од страна на искусната промоторка и професорка по македонски јазик на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, проф. д-р Милена Ристова – Михајловска. Таа ги изрази своите најдлабоки емоции за ова книжевно првенче на најмладите, но и огромната радост заради силната културна и просветителска мисија на нашиот Старец, за заживувањето на овој крај и за неговото културно и духовно издигнување.

Свое особено трогателно и вдахновено обраќање имаше и наставникот по македонски јазик г. Рамазан Раманоски од Косоврасти:

И да не должам повеќе, срцето ми е полно со радост што ги гледам овие мали убавци и убавици и од срце ги благословувам. Сега ја поканувам професор д-р Милена Ристова – Михајловска да го произнесе својот промотивен говор“.


Оваа прва песнарка од ваков вид, во која се сместени најискрените детски доживувања за празникот Воскресение Христово, беше промовирана од страна на искусната промоторка и професорка по македонски јазик на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, проф. д-р Милена Ристова – Михајловска. Таа ги изрази своите најдлабоки емоции за ова книжевно првенче на најмладите, но и огромната радост заради силната културна и просветителска мисија на нашиот Старец, за заживувањето на овој крај и за неговото културно и духовно издигнување.

Свое особено трогателно и вдахновено обраќање имаше и наставникот по македонски јазик г. Рамазан Рамановски од Косоврасти:

Почитувани присутни, почитувани ученици – нивни родители и ментори, почитуван Игумен на Бигорскиот манастир Епископ Партениј, почитувана Сестра Ефимија, почитувано монаштво на Бигорскиот манастир…

Навистина ми претставува чест и задоволство што сум дел од овој проект – сликовница, а воедно и збирка со детски творби, насловена како „Само љубов шириш, Христе.“

Браќа и сестри, бидете внимателни, не подарувајте го идеалот на вашиот менлив живот, не напуштајте го храмот што го носите со вас, не напуштајте го, и кога знаете дека е разурнат. Исправете ги неговите урнатини, зошто само така ќе си ја вратиме и вербата во себеси.

Не срамете се од нешто што е ваше, имајте го на ум како важна порака од сите наши предци, кои пред нас биле тука некаде.

А токму нашите предци кои живееле тука пред нас ни оставиле аманет да се сакаме и почитуваме, да си помагаме, да си пружиме рака во неволја, зошто само така ќе ја заслужиже Божјата љубов. Само здружени и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни. Слободата е наша прва Света книга и затоа не испуштајте ја од своите раце. Таа не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Низ секој наш творечки подвиг. И низ секој изгрев што нè осветлува. Зашто нашето знаме е сонцето, а тоа е најстариот оган на кој се грееме.

Почитувани присутни, сведоци сме дека реканскот крај е синоним за меѓуетнички соживот, дискриминацијата е непозната именка за нас, а гостопримството е епитет кој најдобро нè отсликива. За жал, „белата чума“ не го одмина овој крај, па малку по малку овие простори се испразнуваат.

Велат во секое зло има и нешто добро, а јас пак велам дека најдоброто нешто што му се има случено на овој крај е тоа што токму тука живее и работи отец Партениј, Епископ Антаниски и Игумен Бигорски.

Почитуван Владика, дозволете во мое лично име и во име на жителите на реканскиот крај да Ви изразам огромна благодарност за сè што правите, за културната и духовната ренесанса на овој крај, за секоја детска насмевка, за Вашата визија: Река да ја направите доследно место за живеење.

Поздрав и до Сестра Ефимија, Отец Анатолиј, Отец Доситеј, Отец Кирил и целото монаштво на Бигорскиот Манастир и манастирот во Рајчица, без чија поддршка и вложен труд, оваа сликовница немаше да изгледа вака.

Сега би сакал да кажам и неколку зборови за сликовницата „Само љубов шириш Христе“. Страниците на оваа сликовница ги исполнуваат ученици од реканскиот и дебарскиот крај, но секако тука имаме ученици и од Тетово, Маврово, Скопје итн. Авторите во оваа сликовница со секој стих ја потенцираат љубовта кон Бога, Неговата моќ, и нè учат дека само со верба и љубов кон Бога можеме да ги надминеме сите животни препреки. Почитувани, не би сакал да должам многу, сакам само топло да ви ја препорачам оваа сликовница, прочитајте ја и ќе се уверите во нејзината моќ и значење. Драги гости, сега ќе ве препуштам на рецитацијата на овие млади автори.


Родители, деца, наставници, педагози, книжевници, гости, како и професори по македонски јазик од целиот регион, беа присутни на ова несекојдневно собитие. Сите тие го изразија своето искрено задоволство и благодарност кон владиката Партениј за оваа негова иницијатива.

Најмладите, пак, со широки и чисти насмевки ги читаа и рецитираа своите творби, одново потсетувајќи нè сите нас за смислата и убавината на празникот Воскресение Христово.

На крајот од настанот, владиката Партениј на овие млади автори и поети им подели пригодни подароци, а на наставниците по македонски јазик благодарници за соработката и за нивното менторско учество.

Нашата монашка заедница изразува огромна благодарност кон наставниците по македонски јазик: Марина Костоска, Лидија Гроздановска – Миркоска, Рамазан Рамановски и Симона Костоска, како и на проф. д-р Милена Ристова – Михајловска за прекрасната промоција на збирката песни „Само љубов шириш, Христе“, надевајќи се и на понатамошна плодна соработка.