Пропадна иницијативата на „Европски фронт“ за одржување надзорна расправа за трагедијата во Кочани

На денешната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците не помина иницијативата на „Европски фронт“ за одржување на надзорна седница за истрага на трагедијата во Кочани. За Иницијативата гласаа четворица членови на Комисијата од политичките партии „Европски фронт“ и СДСМ.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата „ВАЛЕН“ истакнаа дека тоа што не гласале не значи дека се против одржување на надзорната расправа, туку дека се за покривање на сите други досегашни трагедии како што се модуларната болница во Тетово, „Беса транс“…

Нагласија дека додека има активна истрага за случајот Кочани, не би било добро Собранието да води надзорна расправа, бидејќи, како што рекоа, тоа би било како да се врши притисок и да се меша во овој процес.

Потенцираа дека оние луѓе кои блокираа и не создадоа кворум во Истражната комисија во претходниот мандат да расправаат за трагедиите во модуларната болница и „Беса транс“, да не бараат дискусија за трагедијата во Кочани.

Пратениците на СДСМ истакнаа дека не е време за политички поени за вакви трагедии каде животот го загубија 61 лице, а околу 200 се повредени. Пратениците од „Европски фронт“ порачаа дека со негласањето за потребата од одржување на надзорната расправа, власта покажува, како што нагласија, дека тоа не е гласот на народот.

Инаку, Основното јавно обвинителство Кочан вчера до Основниот суд во Кочан доставило предлог за определување мерка на безбедност за последното осомничено лице. Бројот на осомничените за пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани достигна 52 физички и три правни лица, откако Обвинителството викендов ја прошири истрагата и опфати уште 19 лица.