Пропадна уште еден обид за конституирање на Собранието на Косово

Косовските пратеници не успеаја повторно да го конституираат новиот собраниски состав, по одржаните парламентарни избори.

Пратениците утрово повторно одбија да формираат тајно гласачко тело за избор на нов претседател на Собранието на Косово, како што побара движењето „Самоопределување“.

Пратениците не се предомислија, 56 гласаа за формирање на оваа комисија, а еден гласаше против.

Исходот беше ист и на седницата одржана во средата.

Според практиката, нова седница е закажана за два дена, а ова ќе биде вкупно 14-ти обид пратениците да ја конституираат законодавната власт.

Повеќе од еден месец по потврдувањето на конечните резултати од изборите, или 14 дена по првата конститутивна седница, косовското собрание сè уште е без претседател и потпретседател, а Косово сè уште е без нова влада.

Според официјалните резултати од изборите одржани на 9 февруари, од 100 места во Собранието на Косово, Самоопределување освои 48 места, ПДК 24, Демократската лига на Косово (ЛДК) 20 и ААК/НИСМА 8. Останатите 20 места се резервирани за малцинските заедници.

Процесот на формирање нова влада на Косово може да започне дури по изборот на претседател и заменик-претседател на собранието. За избор на нова влада е потребна поддршка од најмалку 61 пратеник во собранието со 120 места.