ПРОПАЃА ЛИ ГОЛЕМОТО ЕВРОПСКО ВОЕНО ВЕТУВАЊЕ !? Цела Украина се “тресе“ од еден појадок во срцето на Европа…
Володимир Зеленски деновиве од Киев внимателно ќе следи што ќе се случува во Брисел, каде министрите за одбрана на земјите-членки на Европската унија организираат состанок на кој ќе разговараат за продолжување на испраќањето на воена и финансиска поддршка за Украина, а претходно ќе имаат неформален работен појадок со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и Управниот одбор на Европската агенција за одбрана.
Володимир Зеленски е многу загрижен поради тоа што во угледните медиумски куќи протекоа вести дека некои од ветувањата на ЕУ за поддршка на Украина со оружје и пари наидуваат на проблеми. Пред се, минатогодишното ветување дека во рок од една година на Киев ќе му бидат испорачани милион артилериски гранати за помош во војната против Русија, а беа ветени и нови финансиски обврски наменети за Украинците. Анонимен висок функционер на ЕУ во петокот минатата недела изјави за Politico дека досега во Украина се испорачани 300.000 гранати, но тоа не е ни блиску до бројката од ветениот милион проектили.
„Ќе биде многу тешко да се постигне целта до средината на март следната година. Тоа не значи дека се откажавме од зацртаната цел, ќе испратиме уште илјадници гранати, но нашите капацитети не се доволни“, признаваат анонимни извори од Европската унија.
Сепак, потребата на Украина за нови резерви на муниција е уште поитна бидејќи Русија го зголеми буџетот за одбрана за 2024 година и се чини дека успеа да набави повеќе од еден милион гранати од Северна Кореја, додека политичките внатрешни борби во Вашингтон предизвикуваат намалување на американската воена поддршка за Киев.
Исто така, објективен проблем е што земјите-членки на Европската унија се соочуваат со недостиг од експлозиви и барут. И без тие две компоненти не е можно да се зголеми производството на краток рок, поради што е загрозен планот за снабдување на Украина со ветените милиони гранати. Во многу земји на НАТО, залихите на гранати се брзо исцрпени, сегашното производство очигледно не е доволно за да се покрие настанатиот дефицит, а уште помалку да се задоволат растечките барања на вооружените сили на Украина. Ова е последица на западната воена стратегија, бидејќи НАТО немаше намера да води војна против потенцијалните непријатели потпирајќи се на артилерија, но доктрината пред сè подразбираше широка употреба на модерната авијација.
Дополнително, допрва треба да помине обидот да се создаде нов пакет помош за Украина во вредност од 20 милијарди евра во следните четири години од Европскиот фонд за мир (ЕПФ), а Унгарија сè уште ја блокира исплатата на 500 милиони евра од постоечките средства. Иако генерално е јасно дека ЕУ стои зад Украина, земјите-членки се поделени околу тоа како да обезбедат понатамошно финансирање и дали да им ги надоместат загубите на земјите за испорачаното оружје паушално или на годишно ниво.
„Не разговаравме за овој пакет помош во последно време и сигурно одлуката нема да биде донесена во вторник“, изјави еден дипломат за ветените 20 милијарди евра.
Politico потсетува дека за време на состанокот на лидерите на ЕУ на крајот на октомври, германскиот канцелар Олаф Шолц беше внимателен околу прашањето за доделување дополнителни средства за Украина и порача дека многу земји обезбедуваат многу високо ниво на билатерална помош, а Германија најмногу, и „ќе продолжи да го прави тоа“.
Никој не треба да биде изненаден од европската политика кон Украина заснована на принципот „еден чекор напред, еден чекор назад“. Некаде во ова време минатата година се дозна дека политиката на Европската унија во најмала рака е двосмислена, па дури и лицемерна бидејќи, додека ЕУ вербално ја поддржуваше Украина, Брисел всушност и помагаше на Русија финансиски со купување на руска енергија во големи количини. Од податоците што ги ажурираше Институтот за светска економија од Кил во Германија, беше откриено дека земјите-членки од февруари до август 2022 година купувале нафта, гас и јаглен од Русија за што платиле 103,6 милијарди евра, а за Армијата на Украинците додели вкупно 29,2 милијарди евра хуманитарна и економска помош. Сепак, тогаш финансиската поддршка на Запад кон Украина изнесуваше 93,8 милијарди евра, но дури 60 отсто од таа сума покриваше САД.
Сега тоа е проблем поради политичките судири во САД. Белата куќа пред десет дена побара од новото раководство на Конгресот итно да усвои сеопфатен меѓународен пакет помош од „тешки“ 106 милијарди долари. Со овие пари администрацијата на Џо Бајден сакаше да одговори на потребите на украинското и израелското боиште, да инвестира во поддршка на Тајван, околу кој се повеќе кружат кинески воени бродови и да ја зајакне границата на југот на САД. Но, радикалната фракција на републиканците кои имаат мнозинство во Претставничкиот дом сака по секоја цена да го намали финансирањето на војната во Украина, поради што новиот претседател Мајк Џонсон одлучи да ја оддели помошта за Израел од онаа за Украина.