Просветните работници од Србија бараат забрана за емитување на ријалити

Просветните работници одржаа протестен собир пред седиштето на Министерството за образование на Србија во Белград.

Забранете ги сите ријалити-програми од кои се едуцира грдоста на душата и телото, запрете ја изопаченоста, речено е денес при оддавањето почест на убиените во масакрот извршен вчера во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, во кое настрадаа осум ученици и припадник на обезбедувањето.

Членката на Извршниот одбор на синдикатот на Форумот на средни стручни училишта (ФССУ), Бранка Рогановиќ, на собирот одржан пред Министерството за образование на Србија во Белград запраша кој ќе одговара за масакрот што се случи и предупреди дека ќе има уште жртви „доколку не се тргне црната хроника од сите насловни страници и насилството од сите сегменти и не престанат да го рекламираат“.

Таа побара во Србија да се забрани „рекламирање на криминалци по училиштата“, алудирајќи на веста што само неколку дена пред масакрот ја запрепасти српската јавност – дека осуденикот и ријалити-ѕвезда Кристијан Голубовиќ во едно белградско основно училиште учествувал, во улога на наставник, во снимањето спот за една белградска музичка група.

Рогановиќ оцени дека српскиот систем и општество затаиле и побара да се спречи „безумието што се пласира на ТВ-екраните веќе 30 години“.

Милорад Антиќ, претседателот на ФССУ, изјави дека 3 мај 2023 година треба да биде врежан во главите на наставниците кои со солзи и тага заминувале од часовите.

Тој додаде дека ФССУ бара заштита за наставниците и професорите од родителите, учениците, директорите и Министерството за образование.

„Престанете да ги менувате законите, да им се додворувате на родителите и на учениците. Бараме наставвникот да има авторитет, углед и чест“, рече Антиќ.

Тој додаде дека на „некој начин“ и наставниците се криви поради она што се случило.

„Антиќ рече дека го обвинува српското општество и министерот за образование Бранко Ружиќ, за кој веднаш потоа кажа дека „тој јадниот не е крив за овој проблем“, и истакна дека директорот и целиот колектив на училиштето „Владислав Рибникар“ знаеле за проблемот, и дека тоа требало „да се санкционира“.

Претседателката на Парламентот на Електротехничкото училиште „Раде Кончар“, Милица Самарџиќ, рече дека школувањето би требало да биде најубавиот период во животот на секој човек и во сеќавањето да му останат сако убави спомени, а не солзи, страв и болка.

„Прегрнете ги луѓето што ги сакате, прашајте го лицето што плаче на клупата дали е добро, помогнете му некому доколку уочите дека му е потребна помош“, порача Самарџиќ.

Таа оцени дека постапката на детето што го стори масакрот била „плач на беспомошно и длабоко несреќно дете кое не е свесно за своите постапки“ и големо предупредување за сите таква трагедија никогаш повеќе да не се повтори.