Просечната кирија во Германија за прв пат надмина 500 евра

Кризата со домувањето и зголемувањето на цените на кириите ги погодуваат студентите во Германија сè посилно и посилно. За прв пат, просечната месечна кирија надмина 500 евра.

На почетокот на зимскиот семестар, студентите потрошиле просечно 505 евра за стан или соба, според податоците од Институтот „Мозес Менделсон“.

„Тоа е сериозен проблем ако дебелината на паричникот на родителите одлучува каде некој може да студира “, предупреди раководителот на истражувањето Стефан Браукман.

Браукман повика на зголемување на државната студентска помош и проширување на кругот на оние кои имаат право на неа, пренесува ДПА.

Анализата опфати 88 универзитетски градови со повеќе од 5.000 студенти.

Просечната кирија од 505 евра значи дека трошоците за домување за студентите се зголемиле за 2,4 проценти во споредба со летниот семестар, кога изнесувале 493 евра, и во споредба со минатата зима за 3,3 проценти.

Особено е проблематично што месечната „кирија“ во рамките на студентската помош изнесува само 380 евра, што е значително под реалните цени. Според податоците на институтот, во дури 70 од 88 градови, кириите се повисоки од таа сума.

На ова укажува и искуството на најголемата платформа за пребарување соби во споделени станови во Германија, WG-Gesucht.de. Нивната анализа покажува дека цените на собите во споделените станови се зголемиле за околу 21 процент од 2020 година до денес, побрзо од другите трошоци.

„ Ако студентот мора да работи на две работни места само за да плати за стан, тогаш му останува малку време за учење “, вели Анегрет Милбајер од WG-Gesucht.de.