Просечната плата во Хрватска за една година пораснала за 153 евра

Просечната нето плата во Хрватска во јануари 2025 година изнесувала 1.392 евра, што претставува номинален раст од 2,3 отсто и реален раст од 2,2 отсто во однос на декември 2024 година, објави Државниот завод за статистика.

Во споредба со јануари 2024 година, нето платата е повисока за 153 евра (12,3% номинално) и 8% реално. Највисоката просечна плата е забележана во секторот авиосообраќај – 2.184 евра, додека најниската е во производството на облека – 919 евра.

Просечната бруто плата по вработен во јануари изнесувала 1.925 евра, што е зголемување од 2,6% номинално и 2,5% реално во однос на декември. Во споредба со јануари 2024 година, бруто платата е повисока за 13,6% номинално и 9,2% реално.

Медијалната нето плата во јануари била 1.200 евра, што значи дека половина од вработените заработувале помалку, а половина повеќе од оваа сума. Во однос на истиот месец минатата година, ова е раст од 13,3%. Медијалната бруто плата изнесувала 1.619 евра, што е за 14% повеќе од јануари 2024 година.

Во јануари биле исплатени просечно 182 работни часа, што е за 4,6% повеќе од декември. Просечната нето саатница изнесувала 7,49 евра (намалување од 2% во однос на декември, но зголемување од 12,1% на годишно ниво). Просечната бруто саатница била 10,37 евра, што е за 1,6% помалку од декември, но за 13,6% повеќе од јануари 2024 година.