– Во смртоносните поплави во Либија кои најмногу го зафатија источниот град Дерна, предизвикани од огромното невреме од бурата „Даниел“, загинати и растурени се цели семејства.
Разорната медитеранска бура во неделата го погоди источниот регион на Либија, предизвикувајќи огромни поплави во Дерна, а како последица на тоа илјадници лица ги загубија своите животи или исчезнаа.
Како последица на поплавите голем број семејства загинаа или се исчезнати, а многу други ги загубија саканите пред свои очи, носејќи ги огромното количество надојдена вода.
Во една од безбројните трагични приказни во опустошениот град, еден татко, кој ги преживеа поплавите, ги раскажа последните моменти што ги имал со својот син пред да го загуби животот во поплавите.
„Отидов да го земам синот од куќата на неговиот пријател кога поплавите ненадејно ја зафатија куќата“, рече таткото во интервју за локалната телевизија Ал-Масар во болницата во градот Тобрук.
Таткото со синот биле заробени во надојдените води повеќе од половина час. „Прости ми, тато“, му рекол синот на својот татко додека бил заглавен во водата и калта од поплавите.
„Му реков, сигурно ти простувам“, рече таткото кој неизмерно тагува поради смртта на својот син.
Таткото рече дека неговиот син се обидел да излезе од собата, но главата му останала заглавена на вратата, а телото му било извлечено од собата, поради што настапила смрт.
„Тој беше задавен до смрт“, рече таткото во солзи.
Со кнедла во грлото таткото раскажа дека телото на неговиот син останало пред него до утринските часови.
Починатиот бил студент и единствен син на таткото и сакан меѓу пријателите.
Таткото посака единство во неговата земја која е поделена меѓу две влади.
„Алах нека ја обедини нашата земја од исток кон запад и нека ги обедини сите Либијци“, рече тој.
Либија со години се соочува со криза поради борбата за моќ. Земјата е поделена меѓу две влади – едната, во западниот дел на земјата, е меѓународно призната, а другата е назначена од либискиот Парламент и владее со источниот регион.
– Загинати цели семејства
Според Тарек ал-Хараз, портпарол на Министерството за внатрешни работи на Владата што владее во Источна Либија, катастрофата од поплавите предизвикала смрт на цели семејства.
Во изјавата за Анадолу тој рече дека Дерна е најпогодно подрачје од бурата „Даниел“ и има најголем број загинати цели семејства.
Тој додаде дека смртта на цели семејства предизвикала проблеми околу нивното погребување бидејќи не можеле да најдат членови на семејствата или роднини за да ги идентификуваат мртвите тела.
„За голем број тела не најдовме никој да ги идентификува, но подоцна решивме да закопаме колку што можеме од нив откако направивме фотографии за да им ги покажеме на луѓето што имаат исчезнати членови од семејствата, доколку можат да ги препознаат.“
Најмалку 6.000 луѓе загинаа, а илјадници се водат како исчезнати во поплавите кои ја зафатија Источна Либија викендов, соопштија официјални претставници.
Поројните дождови зафатија неколку региони, а особено се погодени градовите Дерна, Бенгази, Ал-Бајда, Ал-Марџ и Соуса.