Протеините можат да предвидат кој ќе добие деменција 10 години однапред

Истражување на примероци од замрзната крв откри мноштво протеини кои можат да предвидат неколку форми на деменција повеќе од 10 години пред да се дијагностицира болеста, објавија истражувачи од Обединетото Кралство и Кина.

Студијата, објавена во списанието Нејчр Ејџинг (Nature Aging), е дел од истрагата на повеќе тимови за да се идентификуваат пациентите изложени на ризик од деменција со помош на едноставен тест на крвта, напредок за кој многу научници веруваат дека ќе го забрза развојот на нови третмани.

Тековните скенирања на мозокот можат да откријат абнормални нивоа на протеинот наречен бета амилоид многу години пред да се развие Алцхајмерова деменција, но тестовите се скапи и честопати не се покриени со осигурување.

„Оваа студија покажува дека тестовите на крвта кои можат да го предвидат ризикот од деменција веројатно ќе бидат развиени во следните 10 години, иако лицата со поголем ризик често не знаат како да реагираат“, рече д-р Сузан Шиндлер, истражувач на Алцхајмерова болест на Универзитетот во Вашингтон во Сент Луис, кој не бил вклучен во истражувањето.

Авторот на студијата Џиан-Фенг Фенг од Универзитетот Фудан во Шангај рече дека ваквите тестови се важни за населението кое старее како кинеското, и истакна дека тој е во преговори за потенцијално комерцијално да развие тестови на крвта врз основа на нивното истражување.

Во студијата, истражувачите од Универзитетот во Ворвик и Универзитетот Фудан разгледале 52.645 примероци на крв од складиштето за истражување на Биобанк во Обединетото Кралство, собрани помеѓу 2006 и 2010 година од луѓе кои немале знаци на деменција во тоа време.

Од нив, 1.417 на крајот развиле Алцхајмерова болест, васкуларна деменција или деменција поради други причини. Истражувачите ги разгледале протеинските потписи вообичаени кај овие лица и откриле 1.463 протеини поврзани со деменција и ги рангирале според тоа колку е веројатно да ја предвидат деменција.

Тие откриле дека луѓето чија крв носи повисоки нивоа на протеините ГФАП, НЕФЛ, ГДФ15 и ЛТБП2 трајно имаат поголема веројатност да развијат Алцхајмерова болест, васкуларна деменција или деменција од други причини. Луѓето со покачени нивоа на ГФАП имале 2,32 пати поголема веројатност да развијат деменција, што ги потврдува наодите од помалите студии кои укажуваат на придонесот на протеинот.

Еден протеин кој се покажа дека е добар во предвидување на деменција, лесните синџири на неврофиламенти, веќе се користи во клиниката за дијагностицирање и следење на некои состојби како мултиплекс склероза, рече Шиндлер.

„Оваа студија не опфати клинички достапни тестови на крвта за Алцхајмерова болест, кои веројатно уште подобро би го предвиделе развојот на деменција поради Алцхајмерова болест, рече таа.

Авторите додадоа дека нивното истражување не е независно потврдено.