Протекоа детали од средбата Трамп-Зеленски-Макрон: „Внимаваа да не го фрлат во ќош, само од ова се плаши“ (фото)
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја искористи својата прва средба со Доналд Трамп по изборите во САД за да ја објасни потребата на Украина од безбедносни гаранции во секој договор за ставање крај на војната со Русија. Со Зеленски беше и францускиот претседател Емануел Макрон.
Емануел Макрон беше домаќин на состанокот во Париз на 7 декември, на кој украинскиот лидер се обиде да изгради односи со Трамп. Најавата на Трамп за брз крај на конфликтот предизвика загриженост во Киев, бидејќи се стравува дека тоа би можело да биде во голема мера под услови диктирани од Москва.
Тројцата лидери разговараа зад затворени врати 35 минути. Тие не навлегуваа во конкретни детали за постигнување мир, но Доналд Трамп повтори дека сака итен прекин на огнот и преговори за брз крај на војната, пренесува Ројтерс.
Првите навестувања за тоа како би можеле да изгледаат преговорите го вклучуваат и рускиот претседател Владимир Путин, но се чини дека ќе има многу тешкотии, додека улогата на Соединетите Американски Држави сè уште не е јасна.
„Трамп беше пријателски расположен, почитуван и отворен и изгледаше како да слуша“, изјави еден од изворите. Ниту Трамп, ниту неговите блиски соработници не открија како точно замислуваат решение на конфликтот.
„3а време на состанокот беа споменати некои клучни точки. Беше речено дека мирот мора да има гаранции, бидејќи само примирје не е доволно. Путин би можел повторно да го прекрши, како што направи претходно”, изјави изворот за Ројтерс. Исто така, се вели дека Трамп во моментов ги разгледува сите детали.
Зеленски неодамна призна дека дипломатскиот крај на војната ќе спаси животи и го ублажи неговото претходно инсистирање дека сите руски сили мора да се повлечат од Украина за да се постигне траен мир.
Срдечната природа на директните односи на Трамп со Зеленски се разликува од некои од неговите претходни изјави, како на пример дека украинскиот лидер е најголемиот бизнисмен во светот откако побара и доби милијарди долари воена помош од САД.
Макрон и Зеленски беа на иста страна за време на состанокот во Париз, но внимаваа да не изгледаат како да го свртуваат Трамп , рече еден официјален претставник. Во исто време, тие нагласија дека на Киев ќе му биде многу тешко без поддршката на САД.
Зеленски верува дека Путин се плаши само од Трамп, а можеби и од Кина на меѓународната сцена, и дека за секој траен мир ќе треба Вашингтон да биде навистина силен.
Макрон нагласи дека се подготвени порамномерно да го споделат товарот со САД и додаде дека Путин во 2024 година не е истиот човек како во 2017 година, кога Трамп последен пат се справи со него од Белата куќа.