Протести во Франција: Над 1.300 лица се приведени четвртата ноќ

Синоќа 79 припадници на безбедносните сили беа повредени во немирите низ Франција

Во четвртата ноќ од протестите, кои избувнаа поради полициското убиство на 17-годишник во Франција, приведени се повеќе од 1.300 лица, а во немирите се повредени 79 припадници на безбедносните сили.

Синоќа се одржаа и масовни протести низ Франција поради неодамнешното убиство на младиот Нахел М.

Локалните медиуми јавуваат дека Министерството за внатрешни работи на Франција соопшти дека синоќа 1.311 демонстранти биле лишени од слобода, а во нередите биле повредени 79 полицајци и припадници на жандармеријата.

Во текот на изминатата ноќ демонстрантите запалија 1.350 автомобили на улиците на француските градови, а материјална штета е причинета на 234 згради.

Опожарени се 2.560 јавни места, а нападнати се најмалку 30 полициски станици и 11 жандармериски станици.

На 27 јуни, полицијата отвори оган врз автомобил со три лица во Нантер, убивајќи го 17-годишниот возач кој не ги послушал наредбите да застане.

Истрагата за инцидентот е во тек, а инцидентот предизвика масовни протести на улиците на градовите низ Франција.

Француското обвинителство соопшти дека полицаецот кој го уби тинејџерот е обвинет за убиство со умисла и е ставен во истражен затвор.