Протести против Маск: Демонстрантите се собраа пред салоните на Тесла во неколку американски и европски градови
Демонстрантите се собраа денеска пред салоните за автомобили „Тесла“ во неколку американски и европски градови, протестирајќи против отпуштањата што ги спроведува Министерството за ефикасност на владата на Илон Маск.
Најголем дел од неговото вкупно богатство, проценето на 340 милијарди долари, е во акциите на Тесла, со кои тој продолжува да управува додека соработува и со претседателот Доналд Трамп, пренесува АП.
Во обид да ја загрозат продажбата на Тесла, демонстрантите најпрво се собраа пред нејзините застапници во Њу Џерси, Масачусетс, Конектикат, Њујорк, Мериленд, Минесота и Тексас.
Подоцна истиот ден, протести беа организирани и во други поголеми градови како Вашингтон, Чикаго, Синсинати и Сиетл.

Демонстрации против Маск се одржани и во други делови на светот, вклучително и во Лондон каде група луѓе се собраа пред застапништвото на Tesla за да се спротивстават на неговата политика, според АП.
На еден од транспарентите Маск е прикажан како Адолф Хитлер дава нацистички поздрав.
Движењето против Маск и Тесла беше организирано од група противници на неговата политика, меѓу кои се и разочараните сопственици на автомобили од Тесла, како актерот Џон Кјузак, пишува АП.
Маск, сепак, изгледа не е загрижен за падот на продажбата на Tesla и тврди дека иднината на компанијата е светла.
„Има турбулентни моменти и бури, но ви велам дека иднината е неверојатно светла и возбудлива“, рече тој на состанокот со вработените во компанијата овој месец.