– Со грчки знамиња, икони, крстови, транспаренти со пораки, но и говори, голем број граѓани денеска се собраа во центарот на Атина за да го изразат нивното несогласување со законот за истополови бракови, што следнава седмица ќе се гласа во Парламентот.
Н протестот присуствуваа христијански и црковни организација и здруженија, радикално десничарски партии, попови и свештени лица, но и граѓани од сите возрасти.
„Мајка, татко и деца“; „Поддршка за традиционалното грчко семејство“; „Не за истополово родителство“; „Татковина, религија, семејство“; „Мицотакис, Каселакис, Андрулакис се срам за Крит и Грција“; „Ја поддржуваме светоста на традиционалното семејство“, беа само дел од пораките на паноата на демонстрантите.
На протестот присутни беа и поддржувачи и членови на радикално десничарските и националистички партии Спартанци и Ники што се дел од Парламентот.
Предлог-законот под наслов „Еднаквост во граѓанските бракови, измена на граѓанскиот законик и други одредби“, што предвидува проширување на можноста за брак на лица од ист пол и зајакнување на заштитата од дискриминација, минатата седмица беше доставен во Парламентот, в среда ќе започне расправата на пленарна седница, а в четврток се очекува да биде гласањето.
Истополовите бракови предизвикаа реакции во Грција, несогласувања има и кај пратеници од владејачката Нова демократија, кои или ќе гласаат против или ќе отсуствуваат од гласањето, додека пак со став излезе и Грчката православна црква која на вонредниот состанок на Светиот Синод минатиот месец донесе едногласно одлука дека е против предлог-законот.