Професорка во Франција стравува за својот живот бидејќи на учениците им покажала ремек дело од XVII век !?
Министерот за образование на Франција, Габриел Атал, посетил училиште во кое учениците одбиваат да погледнат слика од XVII век на која се прикажани голи жени. Неколку ученици во гимназијата, главно муслимани, тврдат дека биле навредени од работата на италијанскиот сликар Џузепе Цезари, пишува BBC.
Учениците кажале и дека нивната професорка дала расистички и исламофобични коментари, што училиштето истото го негираше. Професорите од училиштето „Жак-Картие“ во Исо, во близина на Париз, одбиле да го коментираат „инцидентот“.
Сликата за која станува збор овде е насловена „Дијана и Актеон“, потекнува од ренесансата и прикажува митска сцена од метаморфозите на римскиот поет Овидиј. Според приказната, ловецот Актеон ја изненадува божицата Дијана, која се капе со своите нимфи.
Сликата на Џузепе Цезари, која виси во музејот „Ловр“ во Париз, ги прикажува божицата и четирите нимфи целосно голи, а професорката им ја покажала сликата на учениците на 7. декември.
„Учениците го тргнаа погледот, се почувствуваа навредени и рекоа дека се шокирани“, тврди Софи Венетитај, генерален секретар на синдикатот на наставници Снес-ФСУ.
Според некои извештаи, родителите му пишале на директорот тврдејќи дека нивните деца биле спречени да зборуваат на следниот час.
Софи Венетитај вели дека инцидентот ја потсетил на бруталното убиство на Самуел Пети, професор по историја и географија, кој беше убиен пред три години откако на часовите покажа карикатури од пророкот Мухамед. Француските власти веруваат дека лажни гласини го поттикнале 18-годишниот бегалец од Чеченија да го убие.
Габриел Атал за новинарите изјави дека против студентот ќе бидат преземени дисциплински мерки. По пауза од неколку дена, наставата во училиштето повторно започна во вторник. Вработените во училиштето „Жак-Картие“ одбија да предаваат по инцидентот, а министерот вели дека професорите имаат целосна поддршка.