– Претседателката на Лекарска комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова беше панел учесник во панел-дискусија на тема „Исхраната и нејзиното влијание врз оралното и целокупното здравје“ организирана од сопругата на Претседателот на РСМ, проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска и проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување за младите“, информираат од Лекарската комора.
Во панелот како говорници беа вклучени и евроамбасадорот Дејвид Гир и проф. д-р Игор Спироски од Институтот за јавно здравје.
Целта на дискусијата беше да се увиди и истакне значењето на исхраната и нејзиното влијание врз целокупното здравје на популацијата, долгорочните ефекти и оштетувањата кои може да настанат како резултат на неправилната исхрана.
Претседателката на Лекарска комора Гривчева Старделова во своето излагање се осврна на правото на нутритивна поддршка како основно човеково право. Таа појасни дека голем број на пациенти, кои страдаат од акутни и хронични заболувања, се соочуваат и со потхранетост или малнутриција, што го зголемува ризикот од смрт кај овие пациенти, го отежнува процесот на лекување и негативно влијае на квалитетот на животот.
-За надминување на оваа состојба веќе е организирана глобална акција предводена од Европското здружение за клиничка исхрана и метаболизам насочена кон подигнување на јавната свест за овој проблем и поттикнување на креаторите на политиките да создадат услови за надминување на состојбите. Нашата земја е дел од овој процес преку Македонското здружение за ентерална и парентерална исхрана, кое е потписник на меѓународна Декларација за признавање на правото на нутритивна поддршка, како посебно човеково право. Декларацијата која е проследена и со кампања има широка меѓународна поддршка и е поставена на пет принципи. Прво, здравствената политика мора да го постави исполнувањето на правото на нутритивна грижа како основна оска во борбата против потхранетоста поврзана со болести. Второ, едукацијата и истражувањето за клиничката исхрана е основна оска на почитувањето и исполнувањето на правото на нутритивна грижа. Третиот принцип вели дека етичките принципи и вредности во клиничката исхрана, вклучувајќи ја правдата и правичноста во пристапот до нутриционистичката нега, се најдобри за правото на нутритивна нега, истакна Гривчева Старделова.
Таа како четврто, посочи дека нутриционалната грижа бара институционална култура која ги следи етичките принципи и вредности и бара интердисциплинарен пристап. Последниот принцип, како што рече, се однесува на зајакнувањето на пациентите како клучен фактор за преземање на неопходни активности за оптимизирање на нутритивната грижа.
Претседателката на ЛКМ истакна и дека лекарите мора да бидат едуцирани за препознавање на потхранети пациенти, а дискусијата за плановите за исхраната треба да биде задолжителна компонента на дневните состаноци на медицински професионалци.
-Потхранетоста мора соодветно да се вклучи како дел од дијагнозата на пациентот и на интервенциите во исхраната мора да се гледа како на една од основните компонента на медицинскиот третман на пациентот. Плановите за нутриционистички третман треба да се реализираат со иста конзистентност и строгост како и другите терапии, нагласи проф. д-р Гривчева Старделова.