– Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на ДДВ, што стапи во сила вчера, предизвика реакции и отвори дилеми за прехранбените производи за кои ќе се зголеми стапката за оданочување од пет на 10 проценти, нивното влијание на стандардот на граѓаните, како и примената од страна на трговците.
Во листата со прехранбени производи кои беа посочени како луксузни и за кои се зголемува данокот, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ се наоѓаат и прехранбени производи кои се со замрзнати цени до 30 ноември оваа година, а промени во Одлуката и појасно дефинирање на нејзината содржина побараа даночните експерти. Од Владата велат дека основните прехранбени производи, кои се дел од секојдневната употреба на граѓаните понатаму ќе се оданочуваат по најниска стапка на ДДВ од пет отсто, а остануваат во сила гарантираните цени. Можно е ревидирање на списокот за 10-ина производи и како што велат ќе се реагира ако има издржани забелешки.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера ја повика Владата да ја корегира листата на производи со зголемено ДДВ, а сите производи кои се дел од секојдневната употреба да се вратат на пет проценти.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски изјави дека Владата во услови на највисока инфлација во изминатите децении го покачува данокот, а во листата на производи што ќе бидат со 10 проценти наместо пет проценти ДДВ се наоѓаат и прехранбени производи кои се со замрзнати цени до 30 ноември оваа година.
-Значи министрите во неколку дена за едни исти производи ги замрзнаа цените бидејќи се основни прехранбени производи, а во исто време ги ставија и на листа на луксузни производи, рече Стојановски.
Тој тврди дека во листата на прехранбени производи кои власта смета дека се луксуз и за кои ќе се плаќа двојно повисок данок се: замрзнатите теста, млечни и сирни намази, сирење и урда, зденка, пармезан, ајдемер и гауда кашкавал, павлака за готвење, растителните сирења и намази, лутеницата, цвеклото, фефероните, мајонезот, сите видови апетисани, компоти, конзервирана храна, полнети макарони, тортиљи и нудли, храната за децата, како гризот, овесните снегулки, муслите, сладоледот, еурокремот, сите видиви бонбони, чипсот, сите чаеви, тропското овошје, сите видови сушено овошје, сусамот, сончогледот, инстант кафињата, наполитанките, црниот бибер, мастиките…
Благица Петрески од Фајнанс тинк, пак, смета дека ДДВ-то треба да биде пет отсто за сите производи кои се за широка потрошувачка и се конзумираат на дневна основа. – Покачувањето ќе има свое влијание и врз цените доколку на листата има производи за широка потрошувачка и производи кои масовно се конзумираат на дневна основа од граѓаните. Затоа треба да се ревидираат стапките и исклучиво да биде ДДВ-то 10 проценти само за оние луксузни прехранбени производи кои или се купуваат од мал број граѓани или се конзумираат ретко. Во спротивно одлуката за зголемување на ДДВ-то ќе се коси со намерата за замрзнување на цените и справување со домашните извори на пораст на цените, изјави Петрески.
Според претседателот на Извршниот одбор на Здружение на даночни советници Павле Гацов, во соседните земји листите на производи со ДДВ се многу појасни со опис точно така како што се очекува да се најдат во маркетите. – За жал Македонија ова го прави преку тарифни броеви во царинска тарифа што е работа за експерти, за граѓаните и оние кои работат во маркетите ќе биде сложено за примена, оцени Гацов, кој очекува во најскоро време да се случат промени во одлуката.
Министерството за финансии тврди дека листата на производи што ќе се оданочуваат со повластена стапка од 10 отсто се производи кои не претставуваат производи за основна исхрана, односно имаат карактеристика на производи кои не се дел од секојдневната трпеза и дел од производите кои не се препорачуваат за човековото здравје. На оваа листа, според МФ, меѓу другите, се различни производи од лососи, козјо месо, посебни видови на туна, бадеми, индиски ореви, бразилски ореви, тропско овошје, некои видови зачини, палмино масло, кавијар, посебен вид на кашкавали кои не претставуваат традиционален производи и се од растително потекло и слично. Исто така, укажува МФ, поместувањето на некои од производите на оваа листа се со цел и заштита на домашното производство и заштита на економијата.
-Пристапено е многу внимателно во однос на заштитата на стандардот при подготовката на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на ДДВ, што стапи во сила денеска. Нема никакви промени во однос на минималниот стандард и не ги опфаќа основните прехранбени производи од потрошувачката кошничка, оцени на брифинг за новинарите министерот за финансии Фатмир Бесими.
Поради евентуални технички пропусти и ако има проблеми при практичната примена со оглед на дилемите околу тарифирањето ќе се интервенира за што разговара со Царинската управа.
-Споредено со другите држави од регионот ние сме со најниска основна стапка на ДДВ од 18 проценти, кај останатите е 20, 23, 25, 27… И во таква ситуација сме и со најниска повластена стапка за разлика од некои што имаат само една повластена стапка ние имаме две. Со оваа мерка е пристапено многу внимателно во однос на заштитата на стандардот, особено за тие со пониски примања и за основните прехранбени производи и нема да влијае на тие што се на листата на времената мерка на Владата за гарантирани цени, тврди Бесими.
Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, граѓаните најмногу реагираат за зголемувањето на ДДВ-то од пет на 10 отсто за 10 прехранбени производи од вкупно 2.000 групи на производи кои се опфатени со одлуката. Тој вели дека нема никаков проблем Владата уште на наредната седница во вторник да направи измена на одлуката за тие производи.
-Не е вистина дека има зголемување на цена за илјада производи и тоа го кажувам и цврсто стојам на тоа затоа што се опфатени 358 категории на производи. Дел од нив се опфатени со мерките за намалување на цените и без разлика што има зголемена даночна стапка кај одредени производи ќе останат на истата референтна цена која што спаѓа под одлуката така што нема да биде толкаво покачувањето. Врз основа на она што наслушнав досега има три одлуки на одредени производители со иста цена да останат продуктите коишто се со ревидирана цена, дел се зголемуваат. Ги поттикнувам сите стопански комори, сите производители, па и граѓаните до соодветните институции да пратат предлози за кои производи да испаднат во предлог-одлуката за изменување на стапката на ДДВ и соодветно ќе го направиме тоа, рече Битиќи на новинарско прашање.
Министерството за економија, како што напиша на Фејсбук министерот Крешник Бектеши, целосно стои зад Одлуката за намалување на цените на основните прехранбени производи која беше донесена пред две недели. Најмалку до 30 ноември, до кога е на важност оваа одлука, отстапување од нејзе нема да има. Сите производи кои се опфатени во Одлуката за намалување на цените на Министерството за економија ќе останат со даночна стапка од пет проценти, напиша Бектеши.
Во врска со Одлуката на Министерството за финансии за повластена даночна стапка на одредени прехранбени производи, според Бектеши, доколку има грешка во листата таа ќе се корегира.
Порака дека нема да се зголемат цените на основните прехрабени производи упати и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.
-Инспекторатот ќе продолжи да постапува по донесените одлуки на Владата и ќе проверува дали во маркетите кај соодветните производи стои ознаката „гарантирана цена“. Оној што нема да ги почитува владините одлуки за намалените цени, ќе биде казнет без селекција, истакна во пишана изјава Трајковски.
На предлог на Министерството за финансии, Собранието пред две недели изгласа измени на законите за данок на добивка и додадена вредност со кои се воведе солидарен данок, се зголеми ДДВ од пет на 10 проценти за дел од прехранбените производи кои беа посочени како луксузни и се намали стапката од 18 на пет проценти за прометот на менструални производи.