Пукање на роденден на тинејџер: Убиена девојка (18), ранети шест лица! Настана општ хаос, луѓето безумно бегаа! (ВИДЕО)
18-годишна девојка е убиена, а шест лица се ранети во пукање на роденденска забава во Северна Калифорнија, предизвикана од непоканети гости, соопшти денеска локалната полиција.
Пукањето се случи рано во неделата за време на роденденската забава на 19-годишно момче во дом во Антиохија, на околу 70 километри североисточно од Сан Франциско, а одговорните за насилството побегнаа пред да дојде полицијата и никој не беше уапсен, пренесе АП.
Се наведува дека некои од жртвите биле пренесени во локалните болници по паниката во која луѓето бегале во повеќе насоки. По пукањето пред еден часот по полноќ, 18-годишната девојка била пренесена во болница каде починала.
Меѓу повредените гости имало четири девојки на возраст од 19 и 20 години, како и двајца тинејџери на возраст меѓу 18 и 19 години, соопшти полицијата.
Нивните повреди не биле опасни по живот.